| четврток, 6 декември 2018 |

Велс со победа над Словачка на своето деби на ЕП (видео)

wales-slovakia-1-euro2016

Првиот натпревар од групата Б на Европското првенство во Франција заврши со победа на Велс над Словачка со резултат од 2-1.

Словачките фудбалери први се заканија преку Марек Хамшик по само три минути игра, но сепак репрезентацијата на Велс е таа што прва поведе седум минути подоцна.

Играчот на Реал Мадрид, Герет Бејл ја затресе мрежата на Козачик со извонреден шут од слободен удар од 30 метри, но сепак мора да се признае дека голот оди на душа на словачкиот голман, кој не изреагира баш најдобро.

wales-slovakia-euro2016

Поголеми возбудувања немаше до 32. минута, кога Мартин Шкртел со лакт го удри противничкиот играч Џонатан Вилијамс во својот шестнаесетник, но судијата не се огласи.

На полувреме се замина со истиот резултат. Во вториот дел Словаците делуваа доста посериозно.

Најпрво Роберт Мак пропушти добра шанса да го израмни резултатот по подавањето од Вајс, но неговиот шут заврши над голот. Но, сепак израмнувањето следуваше шест минути подоцна.

Нововлезениот Ондреј Дуда, кој го замени Хросовски, по само 50 секунди игра на теренот го постигна израмнувачкиот гол за Словачка.

wales-slovakia-2-euro2016

Словачкиот состав беше подобар тим на теренот во првата половина од вториот дел, но потоа Велс почна да ја превзима иницијативата. Нова шанса за водство „Змејовите“ имаа во 71. минута, но Козачик со одлична парада го одбрани ударот со глава на Рамзи.

wales-slovakia-4-euro2016

Сепак, десет минути подоцна „резервистот“ Хал Робсон-Кану успеа да го пронајде патот до голот, откако одлично беше проигран од Ремзи во шестнаесетникот. Шкртел лошо изреагира и Велс поведе повторно и го постави конечниот резултат на мечот.

wales-slovakia-3-euro2016

До крајот двете репрезентации имаа уште по една шанса, но резултатот остана непроменет.

Вториот дуел од групата Б е меѓу Англија и Русија, а започнува од 21:00 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top