| четврток, 6 декември 2018 |

Нашите ракометари загубија во првиот бараж дуел во Чешка

ceska-makedonija-rakomet-goce-georgievski

Македонските ракометари попладнево на гостувањето во чешкиот Злин загубија со шест гола разлика во првиот од двата бараж-дуели за Светското првенство во 2017 година.

Домашната репрезентација на Чешка ја победи македонската селекција со 28-22. „Црвено-жолтите“ ќе имаат тешка задача за анулирање на негативата на реваншот во Скопје.

Избраниците на Лино Червар беа рамноправен противник на теренот само во првите 15 минути, а потоа Чесите фатија одличен ритам и го преземаа водството кое постепено го зголемуваа, па на полувреме заминаа со плус 4 (14-10).

Во второто полувреме нашите ракометари заиграа поангажирано и успеаа да намалат на 17-15, а два разлика беше и некаде кон средината на вториот дел. Но, домашните ракометари повторно влегоа во серија и стигнаа до високи пет разлика (22-17). На три минути пред крајот Чешка ги имаше највисоките 27-20, а до крајот нашите ракометари не успеаа да ја намалат негативата.

Во нашиот состав капитенот Кирил Лазаров беше најефикасен со осум гола, од кои пет од пенал, а Гоце Георгиевски и Филип Миркуловски постигнаа по четири, но имаа многу слаб процент на реализација. Голманите Борко Ристовски и Никола Митревски исто така прикажаа бледа игра, заедно имаа само седум одбрани.

Кај чешката репрезентација, а воедно и на натпреварот, најдобар играч беше голманот Мартин Галија со извонредни 19 интервенции.

Реванш дуелот во Скопје, во СЦ „Борис Трајковски“, ќе се одигра во среда (15 јуни).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top