Домаќинот на петнаесетото Европско првенство стигна до триумф на почетокот на шампионатот, благодарение на феноменалниот гол на Димитри Паје во последните минути од премиерниот натпревар против репрезентацијата на Романија.
Репрезентацијата на Франција славеше со 2-1 против Романија.
Французите лесно можеа да останат без победа на стартот од првенството, што можеби и немаше да биде толку големо изненадување, бидејќи Романците беа и повеќе од рамноправен противник на избраниците на Дидие Дешамп.
Репрезентативците на Романија одлично го отворија премиерниот натпревар, успеваа да ја пробијат одбраната на домаќинот на шампионатот, која во тие моменти ја спасуваше нивниот чувар на голот, одличниот Хуго Љорис.
По првичните „закани“ од Романците, француските репрезентативци возвратија преку Жиру и Гризман, а во 14. минута ѕвездата на Атлетико Мадрид имаше идеална шанса за погодок откако биеше со глава, но топката заврши во статива од голот на голманот Татарушану.
Десет минути пред крајот на првото полувреме Гризман имаше уште една шанса за гол, откако по нафрлувањето од десната страна шутираше, но само покрај левата статива од голот на Романците.
Последната шанса во првиот дел ја пропушти Жиру, кој после корнер ја зафати топката со глава, но сепак беше превисоко над пречката од голот.
Сите три гола на натпреварот беа постигнати во второто полувреме, а почетокот на вториот дел беше идентичен како првиот. На стартот прво се заканија Романците преку Станку, а потоа Погба имаше шанса на спротивната страна, но повторно одличен на голот беше романскиот голман.
Водечкиот погодок за Франција го постигна Жиру во 57. минута по лошата проценка на Татарушану, кој истрча на топка, но напаѓачот на Арсенал прв стигна до неа и со глава ја упати во мрежата.
Но, предноста на домаќинот траеше само седум минути. Патрис Евра несмасно интервенираше во шестнаесетникот по што судијата покажа на белата точка, а Богдан Станку прецизно го изведе пеналот за израмнување на 1-1.
Романските репрезентативци продолжија со одличната игра против фаворизираниот противник и воопшто не се повлекоа за евентуално освојување на бод, а како поминуваше времето Французите не наоѓаа решение за извонредниот ривал.
Сепак, домаќинот на крајот успеа да ја оправда фаворитската улога. На минута пред истекот на регуларните 90 минути ја видовме и првата мајсторија на Европското првенство. Фудбалерот на Вест Хем, Димитри Паје упати вистински проектил од осумнаесетина метри и го погоди горниот десен агол од голот, со што им ја донесе првата победа на „галските петли“.
Во дополнителните 3 минути немаше некои посериозни шанси на двете страни, па Франција ги заведе првите 3 бода, додека Романија останува да ја бара шансата за победа против Швајцарија и Албанија во групата А.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)