| четврток, 6 декември 2018 |

Почнува новата сезона во скопскиот аквапарк

Скопскиот аквапарк, кој се наоѓа во комплексот на спортскиот центар „Борис Трајковски“, ја стартува новата, четврта сезона која започнува оваа сабота, 11 јуни.

  • Летната авантура продолжува и оваа година. Тоа е место на кое ќе можат да уживаат и малите, но и големите. Одличните услови кои ги нудиме, најмодерните тобогани со најразлични ефекти, базенот со бранови, мрзливата река, бумерангот, спејс бал, како и многу други изненадувања, се само дел од овогодинешната успешна приказна која треба да ја испишеме – изјави Златко Перински, директор на „СЦ Борис Трајковски“.

Билет за аквапаркот ќе чини 300 денари, а ќе се нуди и фамилијарен пакет за четири лица за 1.000 денари. Влезница за деца под 13 години ќе чини 200 денари, а влезница за деца под 4 години е бесплатна. За групни посети над 30 лица се добива попуст од 30%. Aквапаркот ќе работи секој ден од 10 до 20 часот.

  • Минатагодишната посетеност на „Вип аквапарк“ ни беше доволна потврда  дека нашата понуда е исклучиво адаптирана спрема можностите и потребите на граѓаните, и од тие причини цените на билетите ќе останат идентични како и минатата година – вели Перински.

За безбедноста на посетителите и оваа година ќе се грижат 36 лиценцирани спасители од Црвениот крст, вклучувајќи и медицинска екипа.

  • Сепак, сакам дополнително да апелирам до посетителите да ги следат пропишаните правила при посета, сè со цел да се испише уште една успешна приказна оваа сезона – изјави директорот.

Капацитетот на забавниот парк е ограничен на 1.000 посетители, пред сè поради пропишаните нормативи за безбедноста и удобноста на посетителите. Во рамките на аквапаркот ќе работат и три кафулиња и еден ресторан.

Подетални информации за активностите и цените на билетите на аквапаркот на официјалната веб-страна на СЦ „Борис Трајковски“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top