Владата на Франција разви мобилна апликација за предупредување на јавноста во случај на терористички напади. Апликацијата е промовирана синоќа во пресрет на Европското фудбалско првенство, кое почнува утре во Франција.
-По пат на апликацијата граѓаните ќе можат да ја алармираат полицијата во случаи на сомнежи за напад – соопшти Министерството за внатрешни работи на Франција.
Развојот на апликацијата е почнат по нападите лани во Париз во кои загинаа 130 лица. Во вторникот британските власти предупредија дека стадионите и местата каде што ќе има многу луѓе, би можеле да бидат цел на напад во текот на ЕП 2016. Со новата апликација корисниците ќе можат да се пријават за добивање известувања во осум различни географски зони. Предупредувањето ќе понуди краток опис на тоа што се случило, како и совети за тоа како да се биде безбеден.
-При добивањето на информациите нема да се слуша никаков звук, ниту да се чувствуваат вибрации, со цел да се обезбеди дека секое лице ќе биде сигурно дури и доколку се наоѓа во близина на напаѓачот – јави Метро њуз.
Француксите власти нагласија дека приватноста на корисниците ќе биде заштитена. Надградба на апликацијата ќе ги предупредува корисниците и на друг вид вонредни состојби, како што се поплави или индустриски несреќи. Апликацијата е достапна за оперативни системи „иОС“ и „андроид“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.