| четврток, 6 декември 2018 |

Осомничените земале мито за преодни оценки

chavkov pres

Осум лица се осомничени за повеќе коруптивни кривични дела примање и давање поткуп и злоупотреба на службената положба  на Економскиот факултет во Скопје. Министерот за внатрешни работи Митко Чавков на прес-конференција соопшти дека тие е осомничени дека директно или индиректно барале парични средства за услуги кои не смееле да ги зивршат, односно им овозможиле на студенти да се стекнат со оценка по предмети кои тие ги предавале и без соодветно знаење.

Според Чавков барале различни суми пари од студенти, кои се движеле од 500 до 1.000 евра и за сметка на овие суми пишувале преодни оценки, а имало и случаи кога оценки добивале и студенти кои немале право да полагаат ниту имале пријавено испити.

Приведени се пет лица, додека за тројца се подготвени покани за разговор кои ќе им бидат врачени.

Опишувајќи ја коруптивната шема, Чавков рече дека сопственикот на бифето ги земал парите од студентите, па му ги предавал на асистентот, а тој на професорите кои пишувале оценки.

Станува збор за следниве премети од студиите на Економскиот факултет – Скопје, за кои има документирани сознанија дека во одредени случаи биле впишувани оценки на опишаниот начин:  Основи на економија и Основи на сметководството, Математика за економисти, Статистика за бизнис и економија, Економика на претпријатија и предметот Менаџмент на мали бизниси.

Чавков не сакаше да даде повеќе детали за наводите во соопштението на МВР дека некои од осомничените барале и сексуални услуги од студентите и рече дека во текот на истрагата и судскиот процес Обвинителството ќе ги изложи сите докази.

Што пронашла полицијата досега

akcija-ekonomski

Полицијата досега извршила 13 претреси во 7 домови на осомничените, во 4 кабинети, во бифето и на Студентските прашања. Кај еден осомничен во возилото се пронајдени 1.000 евра. Кај друг е пронајден мобилен телефон што според Чавков е предмет на кривично дело. Во кабинет кај еден професор се пронајдени 4 индекси на студенти, а во домот на еден професор е пронајден еден индекс. Во бифето на факултетот се пронајдени две пријави за испити, додека од Студентските прашања се одземени 17 досиеја од прва година. Пронајден е и нотес со имиња и матични броеви на студенти.

Како течеше акцијата „Еразмус“ во универзитетскиот кампус

bobek-777x437 (1)

Во врска со силното полициско обезбедување кое вчера цело попладне беше присутно на УКИМ, Чавков посочи дека согласно Законот за образование, МВР има право за присуство на факултетите и со тоа не е нарушена автономијата. Сепак, Чавков вели дека полицијата иако не била обврзана, сепак било испратено известување до Ректоратот за акцијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top