| четврток, 6 декември 2018 |

Обвинетите од случаите „Диво Насеље“ и „Молња“ се познавале од претходно

divo naselje 15 (Custom)

Судењето за Диво Насеље денеска почна, по неколку одложувања поради тоа што Врховниот суд не ја даваше големата сала за одвивање на судењето.

Судењето почна од почеток откако Судот на 13 мај ги спои предметите „Диво Насеље“, во кој 29 лица се осомничени за тероризам и терористичка организација, и „Молња“, во кој уште осум лица се осомничени за истите кривични дела.

Денеска сите 37 обвинети изјавија дека не се чувствуваат виновни.

Обвинителот Наум Пановски рече дека Јавното обвинителство останува на обвинителниот акт за „Диво Насеље“ со дополнение дека Обвинителството поседува докази дека осомничените од таканареченета „кумановска група“ се познаваат со осомничените во „Молња“, кои се обвинети за логистичка поддршка на групата.

– Ако се анализираат приложените докази, може да се констатира дека е неспорно дека поголем дел од обвинетите меѓусебно се познаваат од порано и дека биле во контакт. Од материјалните докази може да се докаже дека обвинетите биле вклучени во нападите на караулата во Гошинце и во Диво Насеље – рече Пановски.

Инаку, денеска можеше да се забележи намалено полициско обезбедување околу Судот, за разлика од претходните рочишта за Диво Насеље.

Судењето се одвива во Врховниот суд, затоа што Кривичниот суд нема доволно голема сала во која ќе ги собере сите 37 обвинети, нивните адвокати, полицајците, семејствата на обвинетите и новинарите.

Судењето претходно беше два пати одложувано, на 31 мај бидејќи судската полиција на Врховниот суд не им дозволи на адвокатите на обвинетите во процесот да влезат во салата, и на 27 мај поради болест на судијката Верка Петковска.

На 9 и на 10 мај 2015 година во кумановското Диво Насеље вооружена група се судри со безбедносните сили. Во престрелката загинаа осум полицајци од специјалните и посебните единици на МВР, додека четириесетина беа тешко повредени. Убиени беа и десет лица од вооружената група.

Судењето за настаните почна во февруари и оттогаш беа сослушани десетици сведоци од месното население на Диво Насеље, како и десетици заштитени сведоци за кои се претпоставува дека се полицајци што учествувале во акцијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top