| четврток, 6 декември 2018 |

Кочов: УКИМ ќе биде Универзитет на 21 век во претприемачкиот дух

-Ако денеска сакате да добиете финансии од Европа или било која друга заедница, мора студентот да е активно инволвиран во целиот процес. Тоа значи дека ако зборуваме за бизнис стартап центар, мораме да ги помогнеме студентите во нивните идеи за отворање на сопствени компании- вели проф. д-р Атанас Кочов, кандидат за иден ректор на УКИМ. Тој во него гледа Универзитет на 21 век, во претприемачки дух, со партнерски однос на професорите и студентите, Универзитет рангиран меѓу првите 500 на Шангајската листа

На кандидатската листа за нов Ректор на УКИМ, меѓу шестмината кандидати доминираат оние од техничките струки. Дали од тука може да се изведе заклучок дека техничките струки, по влезот на странските инвестиции, се вратија на листата на професионални определби на младите?

Кочов: Апсолутно сте во право, бидејќи подолг временски период се поголем е бројот на младите кои што се заинтересирани за студирање на некој од техничките факултети. Тоа е голем успех и на факултетите но и  со промовирањето на странските инвестиции во земјата, но и она што јас секогаш го посочувам на младите, без индустрија и без производство не може да имаме развој на државата и севкупен општествено економски развој. Тоа значи дека треба да имаме едуциран кадар кој знае да одговори на предизвиците на новите технологии за да може да привлечеме и странски инвеститори но истовремено да придонесеме на севкупниот развој на државата. Факт е дека техничките науки повторно се враќаат назад а тоа што особено е добро е дека таа соработка која започнува со индустријата за да се отворат вратите за доделување на стипендии за младите кадри да станат студиите уште поатрактивни да бидат на некој начин посигурни дека потоа ќе можат да најдат работа. Така, се поголем е интересот за студирање на техничките науки.

Изборот за ректор се ближи. Во фокусот на Вашата програма е развојот на Претприемачкиот дух, како и воведување на Универзитетот во групата 500 најдобри од Шангајската листа.

Кочов: Јас во програмата ставив дека мора да направиме Нов универзитет на 21 век во претприемачкиот дух, но веднаш мора да напоменам дека не значи дека Универзитетот ќе го претвориме во бизнис. Напротив. Во периодот кој следува мора да настане одредено интерно, внатрешно зајакнување во Универзитетот, за да можеме многу повеќе надвор, меѓународно да го промовираме, за да можеме да го дигнеме студентот на многу повисоко ниво, да биде партнер на професорите кои што се вработени на УКИМ. Да биде зголемен бројот на меѓународните научноистражувачки проекти и се разбира, сето тоа да биде дадено како дел од она што значи самите единици во рамките на УКИМ да бидат тие кои ќе бидат претприемачи од аспект на наоѓање на тие научноистражувачки проекти од аспект на пронаоѓање на дополнителна апликативна   дејност која што единиците треба да ја прават, за да може да обезбедат малку повеќе средства и за себе за да може да се реинвестираат во подобрување на условите и за себе и за студентите и за професорите.

Велите дека Универзитетот не треба да е претприемач, но тоа е сепак голема структура на вработени, над 3.000, со 60.000 студенти, па како гледате на управувањето на сета таа „машинерија“?

Кочов: Напротив сметам дека Универзитетот мора да има претприемачки дух, токму заради бројката на вработени и голем број на студенти. Ако имаме група од над 3.000 вработени на УКИМ и над 60.000 студенти, а ако тежнееме кон тоа да имаме што е можно поголем број на нови млади кадри кои ќе бидат ангажирани низ научноистражувачката работа, тоа значи дека сето треба да биде добро изменаџирано. Во таа насока и менаџмент тимот на Универзитетот ќе треба да работи постојано за да може да обезбеди што е можно повеќе меѓународни средства кои ќе влезат за да станеме дел од одредени мрежи, мрежи на научноистражувачки проекти, бидејќи самостојно како Универзитет нема да можеме да се пробиеме на европското истражувачко поле. Потребно е низ еден добар менаџмент систем да бидеме дел од сите оние големи проекти кои што постојат во Европа за да може да се издигаме на ниво за да може и ние самите да аплицираме и да добиеме што е можно поголеми проекти што ќе доведат повеќе средства. Она кое што јас го имам во својата програма е кога таква единица на УКИМ која заедно со целиот Универзитет ќе влезе во целата таа борба да дојде до меѓународни проекти, во тој случај потребно е да се направи децентрализација односно самите единици да ги водат тие проекти и да располагаат со средствата кои што постојат, затоа што партнерот во Европа сака да види дека тие средства се во суштина токму за наука употребени, за набавка на нова опрема, односно за реинвестирање во науката и зајакнување на капацитетите на единицата, односно на Универзитетот.

Во Вашето гледање на УКИМ во иднина е и Студентот како партнер во високообразовниот процес односно инклузивен Универзитет, како и кариерен центар на УКИМ како дел од меѓународна мрежа на кариерни центри на универзитетите во Европа и формирање на бизнис акцелератори.

Кочов: Мора да напоменам дека ако денеска сакате да добиете финансии од Европа или било која друга заедница, мора студентот да е активно инволвиран во целиот процес. Тоа значи дека ако зборуваме за Бизнис стартап ценатар мораме да ги помогнеме студентите во нивните идеи за отворање на сопствени компании. Не може да не ги иницираме, да не ги поттикнуваме да мислат како да отпочнат бизнис еден ден, а притоа Универзитетот да ги помогне. Тоа значи ако имаме средства од Европската истражувачка агенција односно различните центри кои што постојат и ако Универзитетот самиот и единиците на Универзитетот ги помогнат преку давање, што се вели, простории да се помогнат во самиот почеток, во тој случај сме посигнале една заедничка вин-вин ситуација. Во претприемачкито дух спаѓа и она ако студентот и професорот направат одредена заеничка компанија, зошто да не го сторат тоа, а притоа да се знае каде припаѓа интелектуалната сопственост или колкав е уделот во сето тоа. Таквите акцелератори кај нас се неминовност да постојат и тоа најмалку два, за да може да се издигаме на рамниште  да направиме отворен простор и за студентите и за вработените на универзитетот за да се дојде до свеж капитал.

**Целото интервју со проф. д-р. Атанас Кочов погледнете го на ТВ Република.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top