Женската ракометна репрезентација го заврши квалификацискиот циклус за ЕП 2016 со пораз на гостувањето во Ријека против Хрватска, изразен со убедливи 35-19. Сосема очекувано, „црвено-жолтите“ одиграа уште еден потпросечен натпревар на гостински терен, во кој уште во првите десет минути ја загубија битката за победата, а потоа беа во ситуација само да се борат за што „попристоен“ пораз.
Отсуството на најискусната во македонскиот состав капитенот Елена Ѓорѓиевска се почуствува кај избраничките на селекторот Симовски кои не упеаја да го надокнадат. Домаќинките разликата во квалитет го покажаа уште на самиот почеток кога за само неколку минути стигнаа до висока предност од 8-1. ајмаутот на селекторот Симовски само накратко го прекина ритамот на домашните ракометарки, кои предводени од „вардарката“ Пенезиќ ја казнуваа секоја грешка на нашите репрезентативки, па на одмор се замина со 17-7. Само на почетокот од второто полувреме разликата беше спуштена под десет гола, за Хрватска повторно да влезе во серија и на крајот да слави со конечни 16 погодоци разлика.
Митова, Ристовска, Јовановска и Ливриниќ беа најефикасни кај Македонија со по три погодоци, а најдобра поединка на оваа средба очекувано беше Андреа Пенезиќ со седум постигнати гола.
Македонија го завршува овој квалификациски циклус со шест порази на шест натпревари, од кои младите ракометарки на гостувањата тотално потфрлија, но затоа со солидни игри на домашен терен покажаа дека во оваа генерација постои квалитет што треба да се надградува за во иднина да се создаде селекција за респект.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.