Лино Червар е докажано име во светскиот ракомет. Во Македонија работи од 2009 година кога го презема кормилото на Металург со кој ги доживеа најголемите успеси во клупската историја. Од пред десеттина дена, во договор со Ракометната федерација на Македонија, ја презема работата и во националната селекција во периодот меѓу два олимписки циклуса. За Червар е излишно да се трошат зборови бидејќи златните години на хрватскиот ракомет се поврзани токму со него. Македонија добива еден исклучителен ракометен стручњак токму пред клучниот бараж-двомеч со Чешка за пласман на Светското првенство во Франција во 2017 година.
По официјалната потврда и договорот што го направивте со Ракометната федерација на Македонија, би се рекло дека Вие ќе бидете главен координатор на сите селекции на Македонија, но главен акцент, секако, е селекторското место на А-репрезентацијата.
Червар: Моите преговори со Федерацијата и со претседателот Живко Мукаетов за преземањето на репрезентацијата траеја многу кратко. Целта на федерацијата беше јас, освен што ќе ја преземам сениорската репрезентација, да бидам и еден вид координатор на кадетската и на јуниорската репрезентација. Мојот фокус останува на А-селекцијата, но истовремено ќе ги следам и другите репрезентации бидејќи тие треба да бидат изворот на играчи за првата екипа. Од тие селекции на играчи до 20 и до 18 години, всушност, треба да создаваме идни играчи за репрезентацијата на Македонија. Договорот со федерацијата е со важност од четири години и, според заедничките планови, е направена стратегија меѓу два олимписки циклуса, односно до ОИ во Токио 2020 година. Македонија мора да ги продолжи учествата на големите натпреварувања и со добра работа повторно, по четири години, да се обиде да се пласира на Олимписките игри.
Распоредот на натпревари што следуваат во овој период е згуснат. Се очекува за кратко време да ги консолидирате редовите на репрезентацијата и да се обидете преку бараж-средбите против Чешка да се пласирате на Светското првенство во 2017 година во Франција.
Червар: За само две недели треба да одиграме две средби со Чешка во рамките од баражот за Светското првенство. Во летниот период ќе бидам во постојана комуникација со јуниорската репрезентација, која треба да ги почне подготовките за европското младинско првенство, а во ноември ќе почнат и подготовките за квалификациите за европското првенство во Хрватска во 2018 година. В година, веднаш по новогодишните празници, нѐ очекува Светското првенство. Квалификациите продолжуваат в година, кога сите посакуваме да продолжиме со континуитетот на учества на големите натпреварувања. Групата е многу силна бидејќи сите репрезентации ќе бараат шанса за пласман на Европското првенство во Хрватска. Покрај редовниот противник Чешка, тука се и Украина и Холандија.
Сепак, најважните натпревари по неуспехот во квалификациите за Олимписките игри во Рио се бараж-средбите со Чешка, кои Македонија мора да ги добие.
Червар: Јас не би рекол дека тоа се најважните натпревари за сениорската репрезентација. Имаме многу натпревари во нашиот распоред преку кои ќе создадеме репрезентација од млади играчи, кои ќе внесат ентузијазам, глад за победа, желба за докажување, па заедно со постарите и поискусните ќе се обидеме да внесеме нова хемија во селекцијата за следните искушенија што нѐ очекуваат. За баражот со Чешка, времето е, навистина, кратко. Подготовките ќе траат кратко бидејќи повеќето репрезентативци што ќе се приклучат подоцна играат за своите клубови во странство и се во завршна фаза од првенствата каде што настапуваат и ние, всушност, ќе бидеме комплетни на само четири дена од првиот натпревар, кој се игра на гостински терен.
Дали тоа значи дека македонската репрезентација, практично, без подготовки ќе се обиде да ја помине Чешка и да се пласира на Светското првенство во Франција?
Червар: Во моментов без некои поголеми промени во играчкиот состав мораме да се обидеме да ја поминеме Чешка. Јас и претходно кажав, не е паметно да се прават големи резови пред баражот. Тие момци играат заедно повеќе години и многу добро се познаваат. Мојот пристап е различен кога се работи со репрезентација или со клуб. Сега во овие подготовки прво ќе се обидам на оваа, би се рекло, разнишана репрезентација да ѝ всадам желба и мотив за игра. Тие сите се професионалци и мора да сфатат дека играњето за Македонија не е само лична работа. Тие играат за нацијата, за народот, за сите тие што ги следат и се нивни поддржувачи. Играат за сите нас. Настапувањето во дресот со државниот грб е најголемиот успех што може да го направи еден ракометар. Не постои ниту еден клупски успех што е поголем и посилен од репрезентативниот. Мене ми треба играчите покрај квалитетот да имаат и силен карактер, да бидат способни да се носат со тежината на дресот, а македонските ракометари го имаат тоа. Сега веќе нема доволно време да поставуваме нова игра од почеток. Треба да се направат некои измени, секако, но тоа сѐ зависи од индивидуалците, кои очекувам дека лесно ќе ги прифатат.
Според целата македонска ракометна јавност, Лино Червар е вистинскиот човек во вистинско време за селекторското место на Македонија. Вашата кариера се повторува како на филмска лента. Истото се случи пред повеќе од 13 години, кога ја преземавте хрватската репрезентација.
Червар: Убаво рековте, како на филмска лента. Тоа што се случува сега со македонската репрезентација е нешто слично како во 2002 година со Хрватска. Тогаш на Европското првенство хрватската репрезентација доживеа дебакл и беше последнопласирана во Шведска. За кратко време по тоа фијаско ја преземав репрезентација, имав речиси цела година да ги консолидирам редовите, направив некои измени во составот и за само три години освоив три медали. Веќе следната година на Светското првенство во 2003 година го освоивме златниот медал, а во 2004 година бевме златни и на Олимписките игри во Атина. Успехот го повторивме и во 2005 година, кога станавме вицешампиони. Нешто слично се случува и со македонската репрезентација. Од континуитет во учества на големите натпреварувања дојдоа квалификациите за Рио, на кои репрезентацијата не успеа и изгоре во желбата да учествува на едни Олимписки игри, што е круна на кариерата. Тоа мора да се поправи и во годините што следуваат треба да се смени пристапот и да се всади победнички менталитет на сите ракометари. Од искуството што го имам, мислам дека ќе успеам во тоа и можам да кажам дека Македонија и понатаму ќе биде важна алка во светскиот ракомет. Квалитет има, генерациите што доаѓаат го докажуваат тоа, а, секако, со помош на искусните играчи, кои досега беа носители на играта, може да се изгради една репрезентација за почит.
Како што најавивте во пресрет на баражот, нема да направите големи резови во репрезентативниот состав. Дали контактирате со потенцијалните репрезентативци и какви одговори добивте од нив?
Червар: Веќе контактирам со некои играчи на кои сериозно сметам во иднина. Досега не сум добил негативни одговори за нивните настапи за репрезентацијата. Македонија мора да го помине овој бараж со постојниот состав. На тоа апелирам до сите, без разлика на приказните што кружат во јавноста дека Лино не е во добри односи со некои од нив, и дека тие одбиваат да настапуваат во дресот со националниот грб. Во иднина, почнувајќи од квалификациите за европското првенство, секако, со неколку нови имиња, планирам да го освежам составот и ќе се обидам, посебно со младите репрезентативци, како што е случај со германската репрезентација, еднаш месечно да правам собир со цел да се зголемат бројот на тренинзи и подготовки бидејќи пред секој голем настан времето е кратко. Тоа е за кога репрезентацијата ќе биде комплетна, да имаме голем број поединци што веќе помалку или повеќе се подготвени за предизвикот што доаѓа. Во тие собири ќе се обидам да направам и неколку пријателски средби за да може да се задржи континуитетот на играње заедно и, всушност, концентрацијата околу репрезентацијата да биде присутна во текот на целата година. Одличен момент е што јуниорската репрезентација на Македонија за играчи до 20 години се пласираше на Европското првенство во Данска на кое ќе учествуваат нивни врсници од најсилните репрезентации во Европа. Со тоа ќе видиме до каде е нивниот квалитет, развој и на што ќе треба во иднина да се обрне повеќе внимание и каде треба да се стави акцент во нивната кариера. Секако дека ќе одам во Данска да ги следам, а претходно ќе одработиме двонеделни подготовки во Умаг, Хрватска, каде што ќе одиграме и неколку пријателски натпревари со репрезентациите на Словенија и на Хрватска бидејќи и тие ќе бидат таму во тој период.
Досегашните успеси на македонската репрезентација се тесно поврзани со РК Металург. Повеќето од репрезентативците доаѓаа од овој клуб во кој Вие сте шеф на стручниот штаб од 2009 година. Истото се случува и во јуниорската репрезентација каде што од 16 играчи, дури 11 се од Металург. Колку е тоа предност за успесите на една национална селекција?
Червар: Да не ги набројувам сега сите репрезентативци што сум ги тренирал во Металург. Меѓутоа, можам да кажам дека токму тие играчи сум ги тренирал јас. Го знам нивниот квалитет и точно знам кој колку може да придонесе во репрезентацијата. Безрезервно им верувам и знам дека никогаш нема да се откажат од селекцијата, од соиграчите, од своите другари. Тоа е огромна предност бидејќи во текот на една година тие функционираат заедно повеќе од 10 месеци. Не се само соиграчи во клубот или во репрезентацијата. Тие и приватно се многу блиски, вистински другари, а мене тоа ми треба во репрезентацијата. Таков е случајот и со младата репрезентација. Добро сте забележале, повеќе од две третини од тие репрезентативци доаѓаат од Металург. Успесите не можат да изостанат со вакво начин на работа. Доказ за тоа е и пласманот на Европското јуниорско првенство и, секако, од нив се очекува да бидат вистински наследници на Лазаров, Миркуловски, Димовски, Ристовски, Мојсовски од кои почна сѐ во македонскиот ракомет. Тие млади играчи повторно в година ќе имаат големи натпревари во Лигата на шампионите, во СЕХА-лигата, во квалификациите за европските и за светските првенства и, според мене, тоа ќе биде забрзан пораст во квалитетот на младите играчи.
Со тоа најавувате дека Металург и следната сезона ќе учествува во Лигата на шампионите и во СЕХА-лигата. Дали ќе се обиде да доведе звучни имиња или проектот за создавање квалитетни млади играчи продолжува и следната сезона?
Червар: Металург ќе продолжи со концептот за создавање квалитетни млади македонски играчи. Отстапивме од проектот доведување скапи странски засилувања бидејќи тоа носи еднократен успех. Нема повеќе да трошиме многу пари на доведување странски засилувања од светска класа. Секако дека ќе се засилиме со нови ракометари на некои дефицитарни позиции, но и тие ќе бидат на возраст со играчите што веќе ги имаме. Тие заедно треба да се градат во ракометари што подоцна, можеби, ќе прераснат во големи европски имиња. Тоа е добро затоа што и репрезентацијата што ќе ја изградиме во иднина ќе биде составена од играчи што настапуваат заедно во текот на цела сезона.
Разговараше: Бојан Момировски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Лино Червар е објавено во 195. број на неделникот Република, 27.05.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.