Претседателот Иванов, а претходно и пратениците од на ВМРО-ДПМНЕ, му дадоа прекрасна шанса на Зоран Заев. По подолго време, лидерот на СДСМ, чијшто заштитен знак стана токму самодемантирањето, сега доби можност да го докаже на дело кажаното. За промена. Истиот тој кој до вчера „плачеше“ за поправен испит со „Глобал“, мегаафера тешка цели осум милиони евра, сега „на тацна“ има можност да го поправи тоа што неговиот поранешен шеф, идол и гуру Бранко Црвенковски го стори пред само осум години. Се погодија и бројките – осум милиони за осум години.
Единствениот аболиран политичар на висока позиција во државата сега, конечно, може да ја докаже својата невиност, луксуз и порив што тогашниот „чадор“ Црвенковски не му дозволи да го оствари, па го помилува во текот на самиот процес. Заштитникот не можеше да ја дочека судската разврска, па остана дамката на Заев. Законските измени го овозможија чинот, но иницијативата од Заев, за чудо, ја нема на повидок. Иако храбро најави дека ќе бара поништување. Најверојатно мислел и дека зборува во празно, не сметајќи дека некогаш ќе добие можност за тоа.
Во меѓувреме, во текот на осумте години и по сите други афери што ги создаде, што со умисла, што од лапсус лингвa и самодеманти, Заев го смени „чадорот“. Ревносниот лидер, сега тежок 12 милиони евра, откако го изгустира македонскиот, премина на „чадор“ со странско потекло. Разбирливо, како и секој скороевец и новопечен сноб и тој почна да се кити со странска модерна облека, костуми, автомобили, па зошто да не и странски чадори, нели… За потсетување штипскиот бизнисмен Мики Наумов, кој доби парична казна за клевета за обвинувањето дека му дал 39.000 евра поткуп, спомена една работа, која никој не ја дематираше или оспори: во 2004 година, т.е. пред само 12 години, тој му зајмил на Заев 500 евра за да купи „ауди А4“ од 4.000 евра?! Само 12 години подоцна тој тежи 12 милиони евра и вози „ауди“ од 80.000 евра. И повторно, бројките чудно се совпаѓаат, прво осумките, сега дванаесетките. Нумерологијата го сака лидерот, очигледно…
Аболициската еволуција на Заев: Од понизност до „револуција“, макар и шарена
Тогаш, во 2008 година, кога тогашниот шеф на државата ги помилува Заев и неговите пет соучесници, понизниот коментар на сегашниот лидер, а тогаш само градоначалник на Струмица и „чувар на престолот“ на СДСМ беше: „Аболицијата дадена од страна на претседателот Црвенковски нема да ја коментирам во јавноста. Тоа е, сепак, негово уставно и законско право“. И толку.
90 месеци подоцна, повторно аболираниот лидер, сега за два случаја – „Пуч“ и „Поткуп“, откако дигна и шарена „револуција“ базирана контрадруштвото на аболираните, помпезно и многу самоуверени изјави: „Од 2008 година Зоран Заев бара повлекување на аболицијата, тогаш не ми беше дадена правна можност да ја повлечам аболицијата, ниту бев прашан за оваа работа. Сега имам правна можност и ја обжалив пред апелација и пред Стразбур. Ако ми се даде можност, веднаш ќе побарам да биде повлечена и аболицијата од 2008 година, или ако има каква било можност Ѓорге Иванов или кој било во оваа земја, барам да биде укината“.
И оттогаш, штама… Остана последниот Мохиканец ли единствениот аболиран политичар во Македонија. Нејсе што Мохиканците беа позитивни ликови и што тој повторно го употреби омиленото, нарцисоидно трето лице еднина за себе, поголемиот проблем е што Заев само неколку дена пред одлуката за укинување на „новата“ двојна аболиција лично вети дека ќе побара поништување и на таа за „Глобал“. Шансата дадена од Иванов, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и од Уставниот суд му стои на располагање, но Заев како да се мисли дали да го потврди кажаното?
Има две опции – или ќе побара укинување на аболицијата од Црвенковски, или повторно ќе се самодемантира, како и секогаш. Демек, не сме го разбрале или сме го извадиле од контекст?! Тешко, кажаното од него е премногу јасно и недосмислено составено. Поверојатно, и при овој исказ на прес-конференција, Заев пред себе немал ливче со одговор, а таа траела повеќе од 10 минути – двата услова за најголемите грешки на лидерот. „Упс! Пак тој“, најверојатно нервозно свикале стратезите кога го чуле што зборува…
Каракамишева-Јовановска: Заев да престане да тактизира како политички покерџија
СДСМ од секој политички потег, акт и дејство на ВМРО-ДПМНЕ прави политички сензационализам, вели проф. д-р Тања Каракамишева – Јовановска од Правниот факултет во Скопје, за која тоа е веќе добро навежбан стил и начин на политичко дејствување на оваа партија, практикуван веќе подолг период.
Каракамишева-Јовановска: Во отсуство на сопствена препознатлива конструктивна политичка агенда, своја политичка програма, свои проекти, свои решенија, СДСМ е целосно зависна од политичкото дејствување на ВМРО-ДПМНЕ. Таа е, буквално, закачена за владејачката партија како политичка пијавица, и дејствува според однапред утврдената шема – сѐ што прави ВМРО-ДПМНЕ ние ќе го критикуваме, ќе го оспоруваме до крај, без разлика дали тоа има или нема логика и разумност. Таков е случајот и со острите и правно неиздржани критики што СДСМ ги упати до претседателот Иванов и неговата политичка одлука да помилува 56 лица во еден исклучително сензитивен период за македонската држава и за македонските граѓани. По одреден период, кога целата оваа политичка криза ќе се реши во интерес на граѓаните на Република Македонија, кога ќе можеме поотворено да зборуваме за сите детали поврзани со сензитивниот карактер на периодов што помина, но и што сѐ уште е пред нас, ќе може да се долови целата комплексност на државничкиот потег што го направи претседателот Иванов, но и исправноста на неговата одлука да ги стави интересите на државата, над сѐ. Но, како што споменав, СДСМ отсекогаш знаел свесно да ја злоупотреби својата политичка позиција. Место преземените потези и акти на претседателот Иванов да ги сфати на сериозен и одговорен начин, ако веќе не може на државнички, оваа партија, како и секогаш, така и овој пат се реши да постапи во согласност со теснопартиските и лични интереси на неколкумина во партиското раководство. Тие во континуитет го критикуваа претседателот Иванов дека, наводно, со дадената аболиција тој ги прекршил Уставот и законите во земјата и дека поради тоа треба да одговара и да си поднесе оставка. Дури му поднесоа и иницијатива за отповикување.
Во неколку наврати досега сум споменала дека целата постапка, како и донесените одлуки за аболиција, претседателот Иванов ги има преземено во согласност и со почитување на своите уставни и законски утврдени надлежности. Истото се однесува и сега, кога по усвоените измени и дополнувања на Законот за помилување, на Иванов му се даде законска можност да ги поништи веќе донесените одлуки по барање на аболираните. Со последниот потег на Иванов се симна аболицијата за сите политичари во земјата, освен, се разбира, аболицијата на Заев што му беше подарена од тогашниот претседател Бранко Црвенковски. Не можеме да заборавиме како Заев реагираше на аболицијата тогаш, како заплака како мало дете од среќа што успеа да се спаси да не оди в затвор за случајот „Глобал“. Интересно е што тогаш СДСМ реши да не го користи случајот за политички сензационализми, како што го прави тоа сега, туку премолчано ја прифати одлуката на Црвенковски како уставен и законски политички потег на претседателот. За разлика од тоа време, денес СДСМ ја покажа целата своја хистерија и непринципиелност во водењето политика. СДСМ покажа како знае да прави различни политички чекори и да се однесува на дијаметрално различен начин кога нешто му оди, или кога нешто не му оди в прилог. Исто така, интересно е како се однесува Заев, кој е сега лидер на СДСМ по однос на законски дадената можност да побара од Иванов уште денес поништување на аболицијата од 2008 година. Едно зборува во јавноста, друго (не)прави во реалноста. Ако Заев навистина смета дека е политички и правно невин и дека „Глобал“ бил грешка на јавното обвинителство и на судството во земјата, тогаш зошто не поднесе веднаш барање за исправање на грешката. Зошто молчи и по десетина дена од донесувањето на законските измени. Зошто молчат и другите аболирани? Дали и тие мислат дека се невини, или, напротив, стравот од вистината е посилен од силењето пред медиумите кој има поголеми бицепси, а кој поголеми трицепси?
Како што се движи целава работа со аболицијата, СДСМ, најверојатно, уште еднаш ќе се послужи со веќе добро познатите политички трикови и финти, и место Заев да побара поништување и на старата аболиција, тој повторно ќе игра на картата напад. Таа карта што секогаш ја игра кога ќе остане без ниту една друга. Кога нема друга карта што би можела да му донесе подобра позиција. Целата вина повторно ќе се стави на претседателот Иванов дека, наводно, тој со своите постапки правел селективна правда во земјата, и повторно старата шема, некој друг е виновен за сѐ. По добро познатиот терк – избирачкиот список е виновен за тоа што нема избори, медиумите се виновни што СДСМ нема политичка понуда за граѓаните, фантомите се виновни што не можат да состават неколку проекти, сонцето им пречи што свети, не можат да се концентрираат на програмата, месечината е виновна за одливот на идеи, и сѐ така по ред. Сите се виновни за неуспесите на СДСМ, само тој е роза за мирисање. Ако навистина се бори за владеење на правото и за еднаквост на сите граѓани пред Уставот и пред законите, тогаш Заев нека престане да купува време и да тактизира како политички покерџија. Истото се однесува и на другите лица покриени со аболицијата. И тие треба веднаш да побараат нејзино поништување кога веќе постои законска можност за тоа. Дали е на повидок нов политички пазар на СДСМ со аболицијата, останува да видиме. Со оглед на тоа дека менторот во моментов е повлечен во илегала за да смислува нови политички потези во Македонија, СДСМ не може да реши што и како натаму. Тогаш кога неговиот старател ќе смисли ново продолжение на сценариото, СДСМ ќе соопшти што ќе прави со аболицијата. До тогаш медиумите се одлична можност за покривање на срамот на Заев и на другите големи обвинителски и други „херои“ пред граѓаните.
Пандов: Заев ни на сон нема да помисли да побара повлекување на аболицијата од Црвенковски
Кога се работи за Зоран Заев, многу одамна сите граѓани во Македонија сме навикнати, како по правило, кажаното од Заев да е лага, вели аналитичарот Александар Пандов, според кого последните настани ни го потврдуваат ова непишано правило.
Пандов: Пред очи на цела македонска јавност ликов ни тврдеше дека кога би бил во можност да го повлече помилувањето од Црвенковски за случајот „Глобал“, во кој беше обвинет за проневера на осум милиони евра, тој веднаш би го направил тоа и би сакал да има судење. Помиинаа две недели откако му е овозможено да се охрабри и да ѝ овозможи на македонската јавност, од која бара поддршка за да ја предводи, во јавна судска постапка ја докаже својата невиност.
Дополнителен мотив треба да му биде и фактот што со повлекувањето на помилувањата на политичарите од страна на претседателот Иванов, Заев останува единствен жив политичар што е помилуван, а притоа активно учествува во политичкото живеење, дури е и кандидат на опозицијата за премиерска функција.
Оттука не е за чудење што и другите од клапата на Заев го следат неговиот пример и се прават недоветни, па исто како и нивниот лидер никако не се осмелуваат да ја искористат законската можност и да побараат повлекување на помилувањата за во регуларна судска постапка да ја докажат својата чесност. Искрено, не верувам дека ќе се осмелат да го направат тоа, а во случајот на Заев сум сигурен дека сега тој е во тешка паника околу случајот Пуч, во кој сите видовме како го уценуваше премиерот со телефонски снимки и уште посрамниот случај кога во неговата канцеларија бараше поткуп за земјиште во Струмица и тврдам дека лицето Зоран Заев ни во сон го нема ставено како опција барањето за повлекување на помилувањето од Бранко Црвенковски.
Заев со шанса за „три за среќа“: „Глобал“, „Пуч“ и „Поткуп“
Искористил или не, но Иванов му даде добра шанса да си го обели сопствениот образ. Не само нему туку и на сопругот на неговата заменичка, познатиот Бобо Дајнерс, кој исто као и Соња Верушевска, гласно молчи за можноста да ја симне дамката од своето име. Или, можеби, поверојатно, уживаат во тишината и во потегот на претседателот.
Од една страна, Заев сега може да докаже дека е невин, тоа што толку години го тврди. За промена, има можност да потврди барем еден единствен сопствен исказ. Се сеќавате. Зборуваме за човекот што не го познаваше Верушевски, кој за три дена ќе ја сменеше власта, кој за два часа смени три извори за бомбите, кој не преговараше со Груевски (четири средби), за разговори на кои ги немаше Мијалков и Груевски (а го немаше само Заев), за кој Диво Насеље беше местенка во Скопје, а во Љубљана терористички напад истоветен на тој во Париз, лидер што лично го демантираше официјален Тел Авив за лага, и на крај лидер, кој во декември 2015 година ги „предаде“ сите „бомби“ – а пред една недела се закани дека ќе продолжи да ги објавува… И така натаму во недоглед.
Од друга страна, доколку Заев е толку самоуверен во сопствената невиност која и тогаш успеа да ја „докаже“, макар преку аболиција со еден таков, македонски „чадор“, сега со новиот, многу поквалитетен од странска изработка би требало да нема никаков проблем. Настрана, тогаш би му дошле „три за среќа“ – „Глобал“, „Пуч“ и „Поткуп.“
Маркетиншки гледано, Заев би можел да направи и глобален проблем од „Глобал“. Вклучувајќи ги странските заштитници од „чадорот“, тој би можел, за промена, на сопствениот град и афера-проект да им направи и услуга. Во вид на реклама. Можеби, вака странците ќе слушнат за „Глобал“, трговскиот центар во Струмица. Од друга страна, можеби кога ќе дознае за погодностите што ги нуди и за солената заработка на лидерот од „Глобал“, и финансискиот манипулант и „добротвор“ Сорос ќе си купи дуќан таму. Сепак, многу поверојатно е тоа да го направат „режимските“ профитери Шилегов или Геро, чијашто најголема слабост е токму недвижниот имот. Засега во Скопје, но зошто не и во Струмица. Зависноста тешко се лекува, особено кога има толку многу пари, а нема мир…
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 196. број на неделникот „Република“, 3.06.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.