Поројните дождови во цела Франција принудија илјадници луѓе да ги напуштат своите домови.
Претседателот Франсоа Оланд воведе вонредна состојба во најтешко погодените региони и вети парична помош за локалните власти во справувањето со последиците од природната катастрофа, информираа британските медиуми.
Во поплавена куќа во малиот град Суп-сор-Леон, југозападно од Париз, доцна синоќа полицијата пронашла тело на една 86-годишна жена. Таа веројатно е првата жртва на поројните дождови, откако од своите корита се излеаја реките Лоара и Сена.
Најтешка е ситуацијата во централна Франција и во Париската област. На одредени места низ земјата армијата мораше од поплавените патишта да евакуира возачи.
– Големите поплави ја покажуваат неопходноста од активирање на сеопштите напори за борба со глобалното затоплување, повлече Оланд, цитиран од ТАСС.
Премиерот Мануел Валс го посети Немур, град на 75 километри јужно од Париз. во кој беа евакуирани најмалку 3.000 од 13.000-те жители, каде во центарот на градот водата достига до вториот кат од зградите.
Во Париз нивото на реката Сена надмина пет метри. Во француската престолнина и во соседните департмани е прогласена претпоследната, портокалова фаза за опасност. Се очекува пикот на поплавите во Париз да се случи утре попладне. Тогаш нивото на Сена може да достигне 5,50 метри, посочуваат британските медиуми. Ова ниво на водстој, сепак, е далеку од рекордните 8,60 метри, што беа измерени за време на големите поплави од 1910 година.
Државната железничка компанија Ес-Ен-Се-Еф (SNCF) ја затвори подземната метро линија долж течението на Сена, што туристите ја користат за да стигнат до Ајфеловата кула и катедралата Нотр дам, две од најпознатите места во француската преслонина.
И музејот Лувр утре ќе биде затворен. Целта е да може да се евакуираат некои колекции, доколку тоа се покаже за потребно. Инаку, нема опасност за вработените во Лувр и пошироката јавност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.