Поплавите што го зафатија југот на Германија во текот на вчерашниот ден однесоа четири животи и блокираа голем број куќи и училишта, соопштија денеска германските власти.
ДПА јави дека телата на три лица биле пронајдени денеска околу 8:30 часот во една куќа во баварското гратче Симбах Ам Ин, која поради обилните поројни дождови била поплавена за многу кратко време вчера изутрина.
Полицијата соопшти дека уште една жена е пронајдена почината нешто подоцна во водите близу Јулбах во југоисточна Баварија. Висината на водата во поплавените улици изнесува околу еден метар. Стотици ученици вчера беа принудени да останат во своите училишта и таму да ја минат ноќта. Надојдените води одвлекуваа автомобили, дрвја, па и мебел од куќите, а многу граѓани биле принудени да се качат на покривите на своите од каде треба да бидат спасени од хеликоптер.
Баварските власти веќе ја проценија штетата од поплавите на 10 милиони евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.