Во главната селекција на Филмскиот фестивал во Карлови Вари на 6 јули премиерно ќе биде прикажан филмот „Ноќен живот” на словенечкиот режисер Дамјан Козоле, копродукција на Словенија, Македонија и Босна и Херцеговина.
Како што соопшти „Сестри и брат Митевски“ – копродукциски партнер од Македонија, филмот раскажува за двајца сопружници чии животи одеднаш ќе се сменат по несреќата што ќе му се случи на мажот.
– Филмот беше поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија. Македонската екипа ја сочинуваат актерот Петар Арсовски, Иво Трајков како монтажер, Мојца Горогранц-Петрушевска – шминкер, композиции и музика се користени од Сашко Коцев, асистент на камера е Маријан Боцевски, асистент на сценографија е Бобан Петрушевски, дел од звукот е работен во Аудиохаус и специјални ефекти се изработени во студиото на ФХ3Х, информира македонската продукција.
Режисерот Козоле е познат по актуелните теми на неговите филмови кои постигнуваат и големи успеси на фестиваите, но и во дистрибуцијата во Европа. Меѓу неговите поуспешни филмови е „Резервни делови” кој беше прикажан во главната конкуренција на Берлинскиот филмски фестивал и дистрибуиран во 15 европски земји.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.