| четврток, 6 декември 2018 |

„Доме слатки доме“ на фестивал во Карлови Вари

Долгометражниот игран филм „Доме слатки доме“ ќе биде дел од програмата „East of the West“ на престижниот интернационален филмски фестивал во Карлови Вари, кој ќе се одржи од 1-9 јули..

„Доме слатки доме“ е дебитантски проект во режија на Фатон Бајрактари и по сценарио на Зимбер Келменди. Проектот е косовско-македонска копродукција во кој Република Македонија и продуцентската куќа „Арнел продукција“ предводена од Сенад Абдули учествува со малцински финансиски удел.

Во главните улоги настапуваат познати актерски имиња од Косово: Донат Ќосја, Арта Мучај, Шкумбин Истрефи и др. Во реализацијата на проектот од Македонија се вклучени Блаже Дулев, монтажер, Дарко Спасовски-Пацки, музика и дизајн на звук и Маријан Спасовски, мајстор на светло.

Филмот е приказна за воен затвореник кој добива статус на херој во своето село и по своето враќање дознава дека голем број луѓе профитирале од проектите направени во име на неговата „херојска смрт“.

Проектот е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија, како и од Косовскиот филмски центар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top