Бугарскиот премиер Бојко Борисов на денешната средба со македонскиот претседател Ѓорге Иванов ја повторил позицијата на неговата земја за поддршка на Македонија за членств во ЕУ и НАТО. На средбата тие се согласиле за брзо завршување на преговорите за Договорот за добрососедство и соработка, соопшти кабинетот на Борисов.
– Убедени сме дека иднината на сите држави во Западниот Балкан е во ЕУ. Ја потврдуваме подготвеноста и желбата за експертска помош за Република Македонија за одредени прашања поврзани со нашeто искуство за да се постигне суштински напредок на патот на земјата за членство во ЕУ и НАТО, посочил Борисов.
Според соопштението од кабинетот на бугарскиот премиер, Борисов и Иванов се заложиле за брзо завршување на преговорите за Договорот за доборососедство и соработка, кој, како што се наведува, „ќе даде нов поттик во процесот на европската интеграција на Република Македонија“.
Бугарскиот премиер на средбата, се наведува во соопштението, изразил загриженост за состојбата во Македонија и посочил дека исходот од ситуацијата може да дојде само со дијалог меѓу сите политички партии и суштествени реформи во интерес на сите граѓани и почитување на договореното.
Иванов и Борисов зборувале и за мигрантската криза, за Блискиот Исток и интеграцијата на Западниот Балкан.
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска во Софија ќе учествува на Самитот на шефови на држави и влади на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, кој се одржува во рамки на бугарското претседателство и одбележувањето на дваесетгодишнината од иницијативата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.