Со доделувањето на наградата „Прозарт“ на бугарскиот писател Георги Господинов синоќа во Даут-пашиниот амам заврши 4. издание на фестивалот „Про-за Балкан“. Наградата му ја врачи уметничкиот директор на фестивалот, Александар Прокопиев.
Тој го праша Господинов што се случува за 8 минути и 19 секунди, на што тој му одговори:
-Тоа е времето за кое Сонцето стига на Земјата. Ако Сонцето наеднаш запре, ние ќе ги имаме тие 8 минути и 19 секунди за најважните нешта на Земјата – рече Господинов.
Прокопиев додаде дека ова отсликува мал дел од неговото раскажувачко мајсторство и дека одликата на Господинов е токму неговата супериорност и масторија и во другите литературни форми каде е многу свој.
Во своето обраќање, за кое вети дека нема да е подолго од 8 минути и 19 секунди, Господинов истакна дека е голема радост што ја добива оваа награда, што ја добива овде, во една блиска држава, меѓу такви писатели и луѓе од литературата на различни јазици.
-Знам дека има еден премолчен стереотип: Кога доаѓаш од периферијата, од тебе се очекуваат локални, регионални приказни. Големите теми се за големите литератури. Пред нас имаме две патеки. Едната е да пишуваме локално и егзотично, како што и се очекува од нас. Другата е да ги раскажуваме нашите локални приказни како универзални, затоа што тие во крајна линија се токму такви. Искуството ми покажало дека токму најличните приказни, токму тие индивидуални приказни се универзални – рече тој.
Тој се заблагодари најмногу на неговите издавачи и преведувачи, како и на неговите баба и дедо кои со нивните приказни станале дел од неговите книги.
Пред присутните тој прочита извадок од својот последен роман „Физика на тагата“.
– Еднаш, на едно од моите први читања во Берлин се случи следното. Една жена од публиката, малку разочарана, ми рече: „Очекував малку поразлични приказни од вас, како еден балкански писател“. А вие пишувате за истите нешта како и нашите писатели – за љубов, за тага, за разделби… Сфатив дека таа очекува приказни за колежи, крв, ножеви или барем за бугарското кисело млеко, маслото од роза и народните песни. Внимателно ѝ објаснив и со извесна доза на вина дека дури и на Балканот, луѓето понекогаш се вљубуваат, се разделуваат и, колку и да звучи неверојатно, понекогаш умираат тивко, без забиен нож во градите.
Ја имам таа среќа моите книги да бидат преведени на речиси сите балкански јазици. Сакам да им се заблагодарам најмногу на моите издавачи и на моите преведувачи. Тука посебно им се заблагодарувам на Никола Маџиров, кој ја преведе мојата поезија и мојата рана проза на македонски јазик, како и на Душко Крстевски, преведувачот на „Физика на тагата“, која што излезе мината есен во издание на „Или- Или“.
Да им се заблагодарам овде и на едни луѓе, кои веќе одамна се на небото. На баба ми и дедо ми чии приказни во раното детство го внесоа тој сладок отров или магијата на приказните што го прават овој свет малку поподнослив и секогаш ветуваат чудо или спасение. Многу од нејзините приказни влегоа во моите книги. Навечер ја читаше Библијата, скришно, завиткана во еден весник, затоа што за време на социјализмот во Бугарија, тоа беше забрането. Имав само шест години, седев до неа, ја гледав како го мрда нејзиниот показалец искривен од артритис по редовите, мрдајќи ги усните. Така ја ислушав низ шепот целата Апокалипса во тивките попладниња на детството. Баба ми никогаш го немаше напуштено нејзиното село и со лутина му завидуваше на дедо ми кој го имаше прошетано половина свет, како што тврдеше таа.
Тој половина свет беа Србија и Унгарија за време на Втората светска војна. Поради тоа што потоа немаше друга војна, веќе не го поканија да го посети светот. Но, секоја вечер јас ги слушав неговите приказни, не за битки, туку за мирните луѓе што ги беше сретнал, за грамофонот што го слушал во една унгарска куќа, за другиот можен свет и живот што немаше повторно да го види. Нив и нивните приказни што не се случиле станаа дел од моите книги – рече Господинов на затворањето на Фестивалот во поздравниот говор.
Според него, позната е фразата дека на Балканот има навистина премногу Историја. – навистина премногу. Но, би рекол дека има и премногу неслучени нешта, неслучени приказни кои не тежат помалку. Ми се чини дека единствениот логичен начин да се справиме со тоа, да најдеме сили за да преживееме, е да ја претвораме Историјата – случена или неслучена – во приказни, во лични приказни, во биографски приказни, ако сакате.
Ако прифатиме дека Историјата ја пишуваат победниците, тогаш победените, губитниците ги раскажуваат приказните. Верувам дека литературата треба да застане на страната на губитниците. Како писател се обидувам да ги раскажувам токму тие кратки, мали, лични приказни на оние што живеат овде. И знам, дека раскажувањето приказни, како оние на баба ми и дедо ми се нешто многу специфично за овие места. И понекогаш се единствениот начин за одложување на крајот. Единствен начин за да си обезбедиме уште еден ден живот, онака како што тоа го прави Шехерезада – рече Господинов.
Пред годинашниот лауреат и останатите петмина писатели-гости на фестивалот претставија мал дел од своето творештво.
Децата и младите можеби не сакаат да читаат книги и лектири, но сакаат да ги читаат неговите романи, додега осум на број.
Прв читаше српскиот писател Марко Видојковиќ. Тој истакна дека одлично си поминал овие неколку дена во Скопје додека траеше фестивалот.
По него следеше словенечкиот автор Андреј Блатник. Тој за својот кус расказ од само 20-ина реда рече дека половина бил напишан пред повеќе од 20 години, а другата половина ја допишал после две децении.
Турската писателка Асли Перкер, пак, прочита извадок од последниот нејзин роман „Помогни ми“. На подиумот застанаа и српскиот писател Звонко Карановиќ и академик Луан Старова, чијшто извадок од романот „Времето на козите“ наиде на одличен прием кај присутните.
Четвртото издание на фестивалот „Про-за Балкан“ свечено го затвори директорот Дејан Трајкоски. Тој се заблагодари на сите учесници, поддржувачи, публиката.
– Се надевам дека „Про-за Балкан“ барем малку ќе придонесе или придонесува во доутврдувањето на ставовите за квалитетот на прозата во земјава и дека воедно ќе помогне таа да биде повидлива надвор од нашите граници – рече Трајкоски.
Настанот го водеше Ана Јовковска. Фестивалот „Про-за Балкан“ го организираше издавачката куќа „Икона“ од Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.