Собирот на машката ракометна репрезентација на Македонија е закажан за 2 јуни во 13.30 часот во хотелот „Александар палас“ во Скопје. Ракометарите ќе имаат неколку дена за подготовки пред бараж-двомечот со Чешка за пласман на СП 2017 во Франција.
Првиот натпревар македонската репрезентација ќе го игра на гости во Злин на 11 јуни, а реваншот е во Скопје на 15 јуни.
Ова ќе биде прв собир и прва акција на македонската репрезентација под водство на новиот селектор Лино Червар, кој на клупата го наследи Ивица Обрван.
За претстојниот бараж со Чешка, Червар го објави поширокиот список од 28 ракометари и дополнителен список од пет ракометари на кои ќе смета во иднина. За првиот собир на репрезентацијата се повикани сите 28 ракометари што се на списокот. Досега нема најава за некакви откажувања, а последни што треба да пристигнат се репрезентативците што настапуваат во Бундеслигата бидејќи овој викенд ги играат последните натпревари од сезоната.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.