Досега една, одсега три раскрсници ќе бидат блокирани за време на протестите на Здружената опозиција, најави Гордан Георгиев на денешната прес-конференција на СДСМ. Според него три недели режимот на Никола Груевски глумејќи нормалност се однесува како ништо особено да не се случило на 24 декември.
-Ние понудивме разумен и остварлив план за излез од политичката криза преку фер и слободни предвремени парламентарни кои би се одржале заедно со локалните избори. Ако има навистина политичка волја и минимум разум кај власта, има доволно време до 24 март да се постигне политички договор со што ќе се избегне продлабочување на кризата – додаде потпретседателот на СДСМ.
Утре ќе бидат блокирани раскрсниците на „Партизанска“ пред Симпо, мостот „Гоце Делчев“ кај Владата и раскрсницата пред „Тутунски комбинат“ кај Стара рампа. Иако се свесни дека овие блокади можат да предизвикаат непријатности и нервоза кај граѓаните, тие се решени да ги спроведат, поради тоа шро се работи за отпор против режим.
-Тој режим секојдневно им ја одзема слободата на граѓаните и иднината на земјата, апелираме за трпение и поддршка за протестите – нагласи Георгиев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


