| четврток, 6 декември 2018 |

Реал Мадрид е новиот европски шампион (видео)

real-madrid-champion-2016-2

„Кралскиот клуб“ ја освои 11. титула шампион на стариот континент, откако вечерва во финалето на ЛШ беше подобар од градскиот ривал Атлетико по изведувањето на пенали. Регуларниот дел од мечот заврши 1-1, а промена на резултатот немаше по одиграните продолженија. Улогата на трагичар му припадна на дефанзивецот на Атлетико, Хуанфран кој ја погоди стативата во четвртата серија од пеналите, а сите почести ги собра Роналдо кој го постигна последниот одлучувачки пенал.

Финалето започна тензично и со доста нервози, уште во првата минута имаше искри меѓу Габи и Пепе, а првото посериозно возбудување беше после пет минути игра, кога голманот на Атлетико, Јан Облак одлично реагираше на шутот од близина на Каземира и спречи рано водство на Реал.

Но, сепак 10 минути подоцна „кралевите“ поведоа со голот на Рамос, кој сепак остави големи сомнежи дали беше постигнат од офсајд. Тони Крос изведе слободен удар од левата страна, Бејл ја закачи топката со глава и ја префрли пред самиот гол каде Серхио Рамос, кој се наоѓаше во офсајд, ја спроведе во мрежата. Судијата покажа накај белата точка од средината на теренот, Реал Мадрид водат со 1-0.

real-atl-final-2016-ramos-goal

Со овој гол капитенот Рамос стана првиот дефанзивен играч во историјата на ЛШ кој постигнал гол во две финалиња.

До полувреме немаше промена на резултатот. Во вториот дел Симеоне го појача нападот со Караска, кој влезе на местото на Аугусто Фернандес, а уште во 46. минута Атлетико пропушти шанса да израмни од белата точка.

Пепе го собори Торес во шестнаесетникот, Гризман го изведе пеналот, но ја погоди само пречката.

real-atl-final-2016-griezman-penalty-missed

Следуваше период во кој „јорганџиите“ беа подобар противник, Годин и Савиќ по неколку прекини имаа шанса да израмнат, се закани и Саул Нигез, но мрежата на Навас мируваше.

Во интервалот од 70. до 80. минута од мечот Реал пропушти неколку шанси да стави точка на натпреварот, а најголем виновник за тоа беше извонредниот Јан Облак.

Словенецот најпрво излезе победник со Бензема, кој излезе сам пред него од десната страна, а потоа одлично го спречи шутот на Роналдо. Одлична реакција имаше и Стефан Савиќ кој по еден шут на Бејл успеа да стигне да ја исфрли топката од самата гол линија.

Меѓутоа, само минута подоцна, според непишаното правило во фудбалот, следуваше казна.

Атлетико направи одлична акција, Габи одигра по десната страна, Хуанфран ја префрли од прва по средината, а златната резерва на Симеоне, Јаник Фереира-Караско од непосредна близина постигнува гол за 1-1.

real-atl-final-2016-carasko-goal

До крајот на регуларниот дел од мечот Реал ја превзема контролата и иницијативата, тежиштето на играта се префрли на половината на Атлетико, но резултатот не се менуваше, па како и пред две години, финалето меѓу граддските ривали отиде во продолженија.

Во дополнителните две по 15-минутни продолженија видовме неколку шанси на двете страни, но сепак се чинеше дека уморот веќе ги стигнува играчите и се повеќе се движеше натпреварот на разрешница преку пенали.

После 120 минути игра резултатот беше 1-1, новиот шампион ќе го добиеме преку пенали.

Прва серија: Васкез 1-0 – Гризман 1-1
Втора серија: Марсело 2-1 – Габи 2-2
Трета серија: Бејл 3-2 – Нигез 3-3
Четврта серија: Рамос 4-3 – Хуанфран (статива) 4-3
Петта серија: Роналдо 5-3

Ronaldo-celeb-penalty-win-champ-2016

real-atl-final-2016-team-celeb-ronaldo-goal

Реал Мадрид ја освои 11. титула во ЛШ во клупската историја, а Зинедин Зидан стана првиот во историјата на фудбалот кој успеал да ја освои Лигата на Шампиони и како играч и како тренер со ист клуб.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top