Дека Жозе Мурињо навистина е „специјален стратег“, најдобар доказ за тоа е последната информација на англиските медиуми дека екс-менаџерот на Челси и на Реал Мадрид добил пет милиони евра од Манчестер јунајтед само за да одмори во последните неколку месеци. Имено, „црвените ѓаволи“ уште во јануари ја донеле одлуката за смена на Луј ван Гал и се погрижиле да се осигураат дека Мурињо ќе биде наследникот на холандскиот стратег на „Олд трафорд“. Португалецот беше без работа уште од декември, но во јануари од Јунајтед добил огромни пет милиони евра само за да „седи дома и да молчи“, поконкретно – да не разговара со други клубови, туку да чека да дојде летото и да се пресели официјално во Манчестер.
Челниците на Јунајтед инсистирале на вклучување на „клаузула за однесувањето“, со што би се заштитиле од евентуално инциденти на трофејниот стратег, но Мурињо не сакал ни да чуе за такво нешто, па раководството на клубот на крајот попуштило. Договорот ќе се однесува на пет сезони, а Жозе на „Олд трафорд“ ќе заработува 10 милиони фунти по сезона, со јасна цел пред себе да го врати Манчестер јунајтед на тронот на англискиот фудбал.
На „специјалниот“ му се ветени и 200 милиони фунти за засилувања, но интересно ќе биде да се види кои фудбалери тој ќе успее да ги убеди да му се приклучат во ситуација кога јунајтед догодина нема да игра во ЛШ.
Тој како желба за засилување на одбраната го има „пикирано“ Џон Стоунс од Евертон, како и Езекиел Гарај од Бенфика, опции за нападот му се Алваро Мората и Мауро Икарди, додека желби за средниот ред му се Андре Гомеш и Хамес Родригез.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.