| четврток, 6 декември 2018 |

Бран земјотреси во Македонија – последниот почувствуван во Пехчево и Делчево

10-тина земјотреси вчера и денеска ја тресеа територијата на Македонија. Движењето на тлото најмногу го почувствуваа граѓаните во југозападниот и североисточниот дел од земјава.

zemjotres

10-тина земјотреси вчера и денеска ја тресеа територијата на Македонија. Движењето на тлото најмногу го почувствуваа граѓаните во југозападниот и североисточниот дел од земјава, но со помал интензитет и во другите региони. И жителите на главниот град, особено оние што живеат во висококатници забележале мало тресење на објектите. Освен паника, засега не се пријавени штети. Најсилните земјотреси беа првите два кои се случија вчера околу 18.30 со јачина од 4.8 и 4.9 степени според Европската макросеизмичка скала. Епицентрите беа лоцирани на 15-тина километри јужно од Вранештица, кичевско. 15 минути по 19 часот следеше земјотрес со помал интензитет од 4 степени на 11 километри западно од Демир Хисар. Од тогаш, па до 6 часот и 28 минути утринава граѓаните можеа да почувствуваат серија од 6 земјотреси со послаб интензитет со магнитуда од 2.1 до 3.1 степен според Европската макросеизмичка скала. 3 од епицентрите на потресите беа лоцирани во близина на Ресен, 2 во околината на Кичево и 1 во Демир Хисар. Граѓаните на Делчево и Пехчево, пак, околу 11 часот почувствувале два послаби земјотреси со епицентар во Сандански, Бугарија. Од Институтот за земјотресно инженерство велат дека потреба од паника нема. Опасност од поголем земјотрес не постои, а тлото постепено ќе се стабилизира.

Сеизмолозите со апел до граѓаните да не веруваат на одредени тврдења дека поплавите им претходат на земјотресите, бидејќи тоа не е научно поткрепено со докази. Според нив, не може да се предвиди кога ќе се случат земјотресите, иако има одредени индикации особено на трусните подрачја во кои се вбројува и територијата на Македонија.
Според директорот на Институтот за земјотресно инженерство, особено е важно на територии склони кон земјотреси квалитетно да се гради. Тој вели дека промената на законската регулатива, во последниве две години  овозможила поголема контрола врз градежните компании од проектирањето до завршување на изградбата. Неколку компании, пак, за да докажат дека асеизмички градат, во неколку наврати предизвикуваа вештачки земјотреси. Објектите успешно го поминаа тестот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top