10-тина земјотреси вчера и денеска ја тресеа територијата на Македонија. Движењето на тлото најмногу го почувствуваа граѓаните во југозападниот и североисточниот дел од земјава.
10-тина земјотреси вчера и денеска ја тресеа територијата на Македонија. Движењето на тлото најмногу го почувствуваа граѓаните во југозападниот и североисточниот дел од земјава, но со помал интензитет и во другите региони. И жителите на главниот град, особено оние што живеат во висококатници забележале мало тресење на објектите. Освен паника, засега не се пријавени штети. Најсилните земјотреси беа првите два кои се случија вчера околу 18.30 со јачина од 4.8 и 4.9 степени според Европската макросеизмичка скала. Епицентрите беа лоцирани на 15-тина километри јужно од Вранештица, кичевско. 15 минути по 19 часот следеше земјотрес со помал интензитет од 4 степени на 11 километри западно од Демир Хисар. Од тогаш, па до 6 часот и 28 минути утринава граѓаните можеа да почувствуваат серија од 6 земјотреси со послаб интензитет со магнитуда од 2.1 до 3.1 степен според Европската макросеизмичка скала. 3 од епицентрите на потресите беа лоцирани во близина на Ресен, 2 во околината на Кичево и 1 во Демир Хисар. Граѓаните на Делчево и Пехчево, пак, околу 11 часот почувствувале два послаби земјотреси со епицентар во Сандански, Бугарија. Од Институтот за земјотресно инженерство велат дека потреба од паника нема. Опасност од поголем земјотрес не постои, а тлото постепено ќе се стабилизира.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.