Мурињо останува во Премиер лигата и ќе го предводи Манчестер Јунајтед. Ерата на Луј ван Гал заврши, а на неговото место доаѓа Жозе Мурињо!
И покрај освојувањето на ФА Купот во неизвесниот дуел со Кристал Палас, холандскиот стручњак во текот на неделата ќе си замине од „Олд Трафорд“ и функцијата ќе му ја препушти на човекот кој Сер Алекс Фергусон отсекогаш го гледал како негов наследник во еден од најголемите клубови на светот.
Информацијата ја пренесоа британските „Би-Би-Си“, „Гардијан“ и „Телеграф“. Жозе Мурињо како нов менаџер на Манчестер Јунајтед ќе биде официјално претставен во понеделник, или најдоцна вторник. Договорот, како што се истакнува, бил постигнат непосредно пред почетокот на финалето од ФА Купот, но се чекало мечот да заврши за информацијата да биде пуштена во јавноста.
Ван Гал сезоната ја заврши со еден трофеј, но тоа ниту под еден услов не може да биде доволно кога во две сезони ќе се потрошат речиси 400 милиони евра на разни засилувања, од кои дел ниту минимум не ги оправдаа очекувањата.
Жозе Мурињо исто така на располагање ќе има огромен буџет, но и целосна слобода да направи уште една голема трансформација на тимот, бидејќи се очекува „Олд Трафорд“ да го напуштат голем број играчи од актуелниот кадар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.