Се надевам дека во демократски амбиент ќе биде избран новиот лидер. Ќе има големи разлики со она што му се случуваше на ВМРО-ДПМНЕ при партиските кавги во хотелот „Панорама“. Ова ќе биде нов почеток на СДСМ. Нема да дозволиме кампања на ниско ниво, ниту етикетирање на кандидатите. Политички противник на СДСМ е ВМРО-ДПМНЕ – изјави денеска секретарот на СДСМ, Андреј Петров, пред симпатизери на СДСМ, кои повторно се собраа пред седиштето на партијата, за да побараат да им се обрати лидерот Бранко Црвенковски. Тие бараат тој да не замине од кормилото на партијата, туку да се кандидира за претседател на партијата на конгресот кој треба да се оддржи на 2 јуни.
Петров нагласи дека Црвенковски не е ниту заморен од СДСМ, ниту пак е болен. Едноставно, причината за повлекување е што не успеал да ги убеди членовите во оправданоста на своите ставови – рече Петров.
– Јас како Генерален секретар и Црвенковски како лидер, нема да застанеме зад ниту еден од кандидатите за претседател. На сите кандидати ќе им биде дадена еднаква можност за претставување. Но увидот во делегатскиот список не може да биде доставен бидејќи едно е 700-тини делегати, а друго е избирачки список – додаде Петров.
Кире Наумов, еден од кандидатите за лидер на партијата нагласи дека од Петров го побарал списокот со делегати, по што и официјално на прес-конференција ќе ја објави својата кандидатура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.