Јирген Клоп ја презема одговорноста за поразот на Ливерпул од Севилја (1-3) во финалето на Лига на Европа.
– Премногу лесно ги примивме головите. Но, во овој момент јас сум единствен одговорен за нашиот настап. Нема критики, разговарав со играчите – рече тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, по поразот од Севилја во финалето од Лигата на Европа.
Ливерпул на полувремето имаше водство, но потоа за 25 минути прими три гола и тоа беше крај на надежите за освојување на титулата.
– Првиот примен гол не беше проблем, туку тоа што се случи потоа. Потполно ја загубивме вербата во својата игра, испаднавме од игра и бевме нервозни во одбраната. Ова е разочарувачка и фрустрирачка вечер. Второто полувреме покажа дека не сме напредувале толку добро како што се надевав. Мора да продолжиме понатаму и да го искористиме ова искуство, сигурен сум дека ќе бидеме посилни – рече Клоп.
Со поразот во финалето од Лигата на Европа, Ливерпул ја продолжи лошата серија во мечевите за титула, но остана и без настап во Европа за следната сезона.
– Она што сега ми паѓа на памет поради фактот дека нема да играме во Лигата на шампионите е дека ќе мора да го искористиме тоа време на тренинг за напредок. Овој пат бевме на 50-60 проценти од својот квалитет, а јас ветувам дека ќе се вратиме посилни – дополни тренерот на Ливерпул.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.