| четврток, 6 декември 2018 |

Пет реномирани издавачи од Германија гости на „Про-за Балкан“ во Скопје

Фестивалот „Про-за Балкан“ и организаторот, издавачката куќа „Икона“ ја најавуваат комплетната листа на учесници на програмата „Скопје фелоушип“ (Skopje fellowship) која оваа година има зголемен број на учесници.

По големите имиња од минатите години како литературниот скаут Луис Ен Фишер, литературниот агент на неколку нобеловци Силвија Брунели, уредникот на „Рандом хаус“ од Германија, Урсула Бергентал и други – оваа година во Скопје ќе допатуваат пет издавачи – претставници на независните издавачи од Германија. Карактеристично за сите е што дел од нивната продукција е и литература во превод, а дел од фокусот им е и Балканот.

Гости на фестивалот, со помош на Фондацијата „Курт Волф“ ќе бидат издавачите Јерг Сандермајер од „Вербрехер”, Флориан Грундај од „Валштајн“, Рајнер Хелчл од „Опен хаус“, Севастос Самбсоунис – „Гресенван“ и литературниот агент Кристине Лиштау од „Антас Биндерман Лиштау“ литературната агенција.

Заедно со нив, во Скопје ќе допатува и Џон О’Брајан, основач на гигантот „Далки архив прес“ од САД.

Поради забележителното германско учество, фестивалот на 30 мај во ЕУ инфо центарот ќе организира и тркалезна маса насловена „Независни издавачи од Германија и превод на литературата од Балканот: мапирање на реалноста“.

– Нивната посета на Македонија е посебно важна бидејќи во портфолиото на овие издавачи се и автори од Балканот, но, за жал, досега без писатели од Македонија. Се надеваме дека нивното присуство ќе помогне за превод на автори од Македонија во Германија – на еден од најпосакуваните литературни пазари, каде нашата литература речиси воопшто не е застапена. Досега со програмата „Skopje fellowship“, која е единствена од овој вид во соседството, писатели и издавачи од Македонија имаа ретка можност да се сретнат со издавачи до кои тешко можат да допрат во друг случај. Благодарение на програмата, агентот Брунели веќе застапува два македонски писатели, објавен е и превод на македонски роман во Велика Британија со забележителен одек во медиумите, а на пат се уште неколку преводи во видни издавачки куќи. Затоа, се надевам дека во иднина оваа програма ќе биде посилно препознаена од повеќе страни и ќе стане платформа за промоција на литературата од целиот Балкан – вели директорот на „Про-за Балкан“ Дејан Трајкоски.

Фестивалот (29-31 мај) 2016 година, идната недела ќе ги објави и гостите писатели. Фестивалот е поддржан, со истиот износ на средства како во 2015 година, од Министерството за култура на Македонија, Делегацијата на ЕУ во Македонија и Град Скопје, како и од фондацијата „Курт Волф“, Турскиот културен центар „Јунус Емре“, Амбасадата на Словенија, Словенечката агенција за книга, Културно – информативниот центар на Бугарија во Скопје, Национална галерија на Македонија, хотел „Бест вестерн“ и „Тивес мода“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top