| четврток, 6 декември 2018 |

Болницата во Кавадарци доби нови медицински апарати

Како што информираше Тодоров, во болницата во Кавадарци во изминатиот период биле реализирани 69 нови вработувања. Дел се комплетно нови вработувања, а дел се трансформација на волонтерите кои веќе работеле во болницата

Mинистерот за здравство Никола Тодоров денеска ја посети општата болница во Кавадарци, а повод беше набавената нова апартура. Станува збор за по еден апарат за ЕЕГ, ЕМГ и мамограф. Првите два апарата ќе бидат ставени во функција веќе во текот на оваа седмица.

– Договорено е специјалист од Клиниката за неврологија од Скопје да доаѓа во Кавадарци еднаш неделно да врши обука и да работи со пациенти. Имајќи предвид дека околу 400 пациенти се препратени од општата болница во Кавадарци во други болници во Македонија за ЕЕГ и ЕМГ, а сосема доволно е да имаме еден ден во текот на неделата во кој што ќе има десетина термини, за сите оние пациенти на кои им е потребна оваа услуга од Кавадарци и околината, да ја добијат услугата во општата болница во Кавадарци, рече Тодоров во изјава за медиумите.

Министерот посочи дека и за мамографски прегледи пациентите досега биле препраќани надвор од Кавадарци во други медициснки центри.

– Околу 1.800 пациенти годишно биле препраќани од општата болница од Кавадарци во други болници, затоа што немало мамограф во Кавадарци. Инаку овој мамограф  што е набавен е последна генерација, најсовремен мамограф. Од утре почнува неговата монтажа. До крајот на неделата би требало да биде монтиран. Наредната недела ќе бидат направени пробни снимања и пробно пуштање во употреба. Неделата потоа, ќе почне да работи со пациенти во „Мој термин“. Ќе се работат прегледи, но и скрининг за рак на дојка како најчесто малигно заболување кај женската популација, нешто што беше повеќе од потребно за Кавадарци и целиот овој регион,  нагласи Тодоров.

Ако се земе севкупно, додаде министерот, околу 2,5 до 3 илјади пациенти кои биле препраќани во други болници во државата, ќе можат услугата да ја добијат многу поблиску до нивното место на живеење.

Како што информираше Тодоров, во болницата во Кавадарци во изминатиот период биле реализирани 69 нови вработувања. Дел се комплетно нови вработувања, а дел се трансформација на волонтерите кои веќе работеле во болницата.

– Се трудиме сите доктори кои се вработени да бидат испратени на специјализација, и на тој начин на долг рок да ја зајакнеме со специјалисти општата болница во Кавадарци. Исто така, во меѓувреме беа преземени од приватното јавно здравство четворица специјалисти, двајца хирурзи, еден педијатар и еден интернист, информираше Тодоров.

Во делот на интерна медицина, нагласи тој, има сериозно зголемување на бројот на термини во однос на минатата година.

– Минатата година имавме околу 700 термини, оваа година 1.200, што значи сериозен процент на зголемување. Со тоа оваа услуга се прави сериозно  подостапна за сите оние на кои име потребна и за пократок временски период, односно има сериозно намалување на време на чекање. Од друга страна, пак, има голем број на случаи на закажан термин граѓаните да не дојдат. Апелирам постојано секогаш кога некој ќе закаже термин, а нема да може да дојде, да се јави и да го откаже терминот. Зошто да држи термин некој кому не му е потребен, а некој на кого што му е потребен не може да добие здравствена услуга и треба да чека. Сериозен е бројот на термини кои пропаднале како резултат на тоа што пациенти закажале, а потоа не дошле. Во делот на интерна медицина такви се некаде над 400 термини. Тоа значи дека 400 пациенти многу побрзо ќе можат да добијат здравствена услуга ако немало пациенти кои несовесно закажале термин, а не дошле. На тој начин на некој  што му е потребно, му се оневозможува да добие здравствен преглед, рече Тодоров.

Тој истакна дека генерално се трудат рамномерно да вложуваат на територијата на цела Македонија.

– Не можам да кажам дека сите потреби се задоволени со ова, има уште многу работа која треба да се заврши, но во секој случај чекорите кои ги преземаме се најчесто во тој правец, граѓаните да ја добиваат услугата што поблиску до нивното место на живеење и преку обновата на апартурата, да може да се добива побрза, поквалитетна услуга и на тој начин покрај брза и квалитетна услуга да можат да се  воведуваат и нови методи, односно методи кои претходно не се работеле во болниците, додаде министерот за здравство Никола Тодоров.

Директорот на болницата Орце Ангеловски нагласи дека со овие три нови апарати кои се набавени благодарение на Министерството, во болницата ќе се работат три комплетно нови методи.

– Ќе заштедиме многу како болница а и пациентите ќе заштедат и нема да се малтретираат да патуваат до подалечни места, рече директорот.

Тој кажа дека ЕЕГ е апарат за дијагностика на заболувања на централниот нервен систем а ЕМГ за периферниот нервен систем. Болницата веќе има специјалисти од соодветната гранка, тројца невролози ќе работат на оваа проблематика

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top