| четврток, 6 декември 2018 |

Со лажна платежна картичка заработил 3.500 евра

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР поднесе кривична пријава против лицата У.М. (31), Ш.Н. (27) и Б.Љ. (22) сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „изработка и употреба на лажна платежна картичка“ со кое се стекнале со противправна имотна корист од 226.398 денари.

Како што информира денеска МВР,  делото го извршиле од октомври до ноември 2015 година. Пријавените со намера да се стекнат со противправна имотна корист, од интернет набавиле банкарски податоци од вистински платежни картички, од носители на платежни картички од САД. Со нив извршиле повеќе успешни и неуспешни нелегални трансакции на виртуелни ПОС терминали кај повеќе трговци.

Пријавените на тој начин се стекнале со противправна имотна корист од 226.398 денари. Тие извршиле пет успешни нелегални трансакции и 62 неуспешни нелегални трансакции во вкупна сума од 4.377.919 денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top