| четврток, 6 декември 2018 |

„Лице в лице“ го одбележа Денот на семејството

  • Списанието „Лице в лице“ денеска на неформална дружба го промовираше 20-то издание на уличното списание, посветено токму на тема: семејство. Одбележувањето на овој ден ќе се случува во многу земји ширум светот, а „Лице в лице“ се приклучи кон прославата со активности во Градскиот парк во Скопје, со почеток во 11 часот, повикувајќи ги граѓаните на заедничка дружба, забава и разговори на тема: семејство.
    Целта е подигнување на свеста за значењето на вредностите кои се негуваат и развиваат во рамки на семејството, и како тие потоа се рефлектираат на општественото живеење.
    – Главните цели на агендата за одржлив развој 2030 година се и ставање крај на сиромаштијата, промоција на заедничкиот економски просперитет, социјален развој и благосостојбата на човештвото, и во исто време, се става акцент на заштитата на семејната средина. Со ова издание на уличното списание, „Лице в лице“ дава свој придонес во оваа насока – вели Климентина Илијевски, извршна директорка и главна и одговорна уредничка на списанието.
    Кои се најголемите предизвици со кои денес се соочува едно современо семејство во обидот да ја зачува својата единственост и здрава структура? Како денешната трка по егзистенција, кариера, финансискиот притисок влијаат врз македонското семејство, но, и врз општеството? Колку, пак, се менува свеста во поглед на промената на улогите во семејството, а со тоа и зачувување на неговата целовитост, но, и поголема функционалност? Постои ли формула за успешно, среќно семејство? Колку нашата социјална
    политика му оди во прилог на македонското семејство? Се само дел од прашањата кои се третираат во новиот број на „Лице в лице“. Бројот, исто така носи и портрет приказна за еден од продавачите на „Лице в лице“, и за значајноста на неговиот ангажман во обезбедувањето егзистенција за целото семејство.
    Читателите на „Лице в лице“ во новиот број ќе се сретнат и со тема за важоста на инклузијата кај семејствата со член со попреченост, а исто така, и со значајноста на вклучувањето на семејствата и на заедницата во работата на предучилишните установи и училиштето, како еден од главните елементи за постигнување подобри резултати на учениците, како и за поотворени и подемократски училишта.
    Овој број донесува и блог-текст на холандскиот амбасадор, Ваутер Пломп, успешна семејна приказна за семејството на Александар Матовски Цако.
    cover stranica LvL 20
    Најновиот број на списанието го претставува семејството и преку дела на нашиот познат уметник и активист, Ване Костуранов за кои, пак, наменски, стихови подготви македонската поетеса и активистка, Ана Голејшка.
    Инаку, Светскиот ден на семејството се одбележува од 1993 година, кога Генералното собрание на ОН ги повика земјите-членки да се охрабрат да ја препознаат потребата за зацврстување на семејството како институција. Годишното одбележување има за цел да ја подигне свеста за улогата на фамилијата и семејната политика во промовирањето на здравиот живот за одржлива иднина.
    Се очекува експертите на оваа тема годинава да отворат важни прашања врзани за семејната средина и за балансот: работа-семејство, со цел да се подобри здравјето на сите членови на семејството. Повеќето дискусии, пак, ќе бидат фокусирани на улогата на родителите во обезбедувањето на детското здравје, со посебно внимание на улогата на татковците/мажите, како и на благосостојбата на повозрасните лица.
    „Лице в лице“ го промовира моделот на социјално претприемништво кај нас ангажирајќи луѓе од најранливите категории на општеството како продавачи на списанието. Половина од продажната цена (100 денари) оди директно за продавачот, а другата половина е наменета за градење на систем за подобрување на положбата на овие лица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top