И покрај напорите да му се застане на патот, сексуалното злоупотребување на деца од страна на туристи и патници е во пораст ширум светот. Во последните две децении се води континуирана борба со овие злосторства, покажуваат резултатите од опширната студија.
Извештајот е објавен во Тајланд, Јужна Африка и Вашингтон, со констатација на истражувачите дека „ниедна област не е недопрена од ова злосторство и дека ниту една држава не е имуна“, пренесува AFP.
Повеќе од 70 агенции за заштита на децата, добротворни организации и академии ја поддржале глобалната студија на ОН за сексуалното искористување на децата во туризмот, со што овој извештај стана најсеопфатната ревизија на моменталната состојба.
-Сега ја имаме најголемата банка на податоци собрани по ова прашање. Главниот заклучок е дека, и покрај 20 години напорна работа, сексуалната експлоатација на децата во туризмот и патувањето се раширени низ целиот свет“, изјавила Дороти Розга, извршен директор на ECPAT Internacional, кој го надгледувал истражувањето.
Во извештајот се наведуваат две главни причини: сè поевтини патувања и новата технологија која им овозможува на педофилите полесно да разменуваат информации.
-Белите, западни, богати, средовечни мажи повеќе не се типичен профил за педофил. Тие сега се во сите животни сфери и сè почесто не се препознаваат себеси како сериски педофили, пишуваат истражувачите.
-Меѓутоа, тие имаат една заедничка работа – шансите да бидат уапсени, обвинети и казнети се многу мали. Постојаните корисници на овие услуги бираат земји со најслаби закони во кои не посоти владеење на правото, вели Розга.
Авторите истакнуваат дека, иако белите педофили од Западот и понатаму претставуваат проблем, нивниот број е намален благодарение на зголемената соработка помеѓу западните влади и југоисточна Азија.
Во југоисточна Азија децата имаат поголеми шанси да бидат на мета на локалните и регионални патници, најчесто Јапонци, Кинези и Јужнокорејци, затоа што тие патуваат низ регионот во далеку најголем број.
Европа, која некогаш беше позната како извор на педофили, сега се појавува како дестинација, особено некои земји во централна и источна Европа каде што недостасуваат закони за заштита на децата.
Сиромашните земји во Јужна Азија и Латинска Америка, кои веќе имаат репутација на лошо спроведување на законите, доживеале голема експанзија во домашниот и меѓународниот туризам на педофили.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.