| четврток, 6 декември 2018 |

Раца: За „странецот“ ќе одлучам откако ќе добијам одговори од играчите на кои сметам

dragan raca pres

Новиот селектор на машката кошаркарска репрезентација Драган Раца го одбра петок 13-ти за да го одржи првата прес-конференција откако е назначен на оваа функција од раководството на МКФ.
Откако во голем број медиумите беа присутни на првата средба, Раца се заблагодари на бројноста и посакува и во иднина да ја добие подршката и тој и репрезентацијата од новинарите.
Откако на почетокот ги кажа своите планови и ја изнесе програмата за првата фаза од подготовките за квалификациите за Европското првенство, Раца напомена дека веќе стапил во конаткт со сите потенцијални репрезентативци за овој циклус.

– Едно ке кажам, го почитувам минатото, но ние треба да се свртиме кон иднината, кон градење на една позитивна атмосфера. Во контакт сум со сите репрезентативци, но нема да молам никого да игра во националниот тим. Не се слушнав единствено со Самарџиски и со Антиќ, од кои очекувам одговор во најскоро време откако им испратив имејл-пораки. Со останатите контактирав преку телефон или преку емаил. Задоволен сум што се сретнав со легенда како Врбица Стефанов, кој искажа подготвеност да помогне и во следните денови и официјално ќе одговори на мојата понуда да стане дел од стручниот штаб – истакна Раца.

Тој потврди дека Македонија најпрвин ќе отпатува на турнеја низ Кина, на натпревари со САД, Литванија и со Иран. На ова турнеја Раца ќе повика и дел од помладите кошаркари, сакајќи да види како дел од нив би можеле да му помогнат на националниот тим. Новиот селектор е дециден и по ставот околу улогата на директорот Заре Марковски, кој се мешаше во работата на претходниот селектор Марјан Србиновски.

– Заре Марковски нема да биде присутен ни на еден тренинг, ни на едно патување. Тоа е се што ќе кажам на оваа тема – соопшти Драган Раца.

Новиот селектор беше резервиран во делот на тоа кој странски играч ќе настапи во претстојниот квалификациски циклус.

– Прво ќе видиме кои македонски играчи ќе прифатат да играат, па дури потоа ќе размислуваме каков странец ќе ни треба. Имаме желби, но има време за една таква одлука – додаде Раца.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top