| четврток, 6 декември 2018 |

Проекти за две нови градинки во општина Аеродром

Општина Аеродром склучи договори за изработка на основен проект за нова детска градинка во рамки на објектот „Пчелка 1“, која е клон на „Буба Мара“, како и за уште една градинка во рамки на објектот „Буба Мара“ во Ново Лисиче.

Како што соопшти општината, проектната задача за изградба, поточно за реконструкција и доградба на објектот „Пчелка 1“ треба да опфаќа целосна промена на надворешната и на внатрешната столарија, целосна реконструкција на сите подови, плафони, внатрешни и надворешни ѕидови, термофасада, електротехнички инсталации, инсталации за греење, реконструкција на чајната кујна според правилата на Хасап системот, како и реконструкција на санитарните јазли.

За изградбата на новата градинка во рамки на објектот „Буба Мара“, пак, е планирана површина за градење од приближно 1.000 квадратни метри, каде треба да се реализираат минимум шест занимални, како и санитарни јазли за секоја занимална. При проектирањето на детските градинки ќе се запазат стандардите за енергетска ефикасност, со што ќе се обезбедат потребните услови за предучилишно згрижување на децата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top