ЖРК Вардар со победата над Будуќност во натпреварот за третото место на фајналфор турнирот во Лигата на шампионите го освои бронзениот медал, трета година по ред. Секоја победа против Будуќност е голема, а за разлика од претходните години кога црногорскиот шампион беше неприкосновен, сезонава вардарки имаат две победи, последната денеска во мечот за 3.место на Ф4 турнирот во Будимпешта. Вардарки го сочуваа третото место и во третиот настап на Ф4, но полуфиналниот пораз од ЧСМ Букурешт, сепак фрла мала сенка на годинашниот настап во завршницата на ЛШ.
– За мене ова беше најтежок натпревар во кариерата. Бевме многу разочарани по вчерашниот пораз. Сакавме да победиме затоа што вчера не покажавме ништо. Вчера да одигравме половина од ова, денеска ќе бевме во финалето. Не сум среќна за третото место, бидејќи ние заслужуваме финале. Мислам дека притисокот од јавноста имаше големо влијание врз нашата игра – истакна Јованка Радичевиќ.
На прес – конференцијата по натпреварот, десното крило на ЖРК Вардар, нагласи дека оваа победа е важна за екипата, но дека на Ф4 секој доаѓа да ја освои титулата.
– Среќна сум што успеавме да го победиме Будуќност. Денеска покажавме дека играме како тим и дека тренерот има доверба во сите играчи. Среќна сум што победивме, но сепак, ова е фајнал фор во Лигата на шампионите и овде секој доаѓа со желба да ја освои титулата – рече Радичевиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.