Вардарки го ублажија разочарувањето од полуфиналниот пораз и го победија Будуќност со 30-28 во мечот за третото место на завршниот турнир во Лигата на шампионите во Будимпешта со што ја одбранија европската бронза од минатата сезона.
Ривалот од кого во претходните две години се губеше во полуфиналето овојпат беше турнат на колена, но тоа не е преголема сатосфакција по вчерашниот пораз од ЧСМ Букурешт, што ги оддалечи „вардарки“ од битката за трофејот. Будуќност потклекна и без помошта на Андреа Лекиќ, која воопшто не влезе во игра, како и без Алтман, која се повреди во финишот од првото полувреме, што е доказ дека Вардар има квалитет да одигра на највисоко ниво, но мора да научи да се справува со притисок што го носи полуфиналето од Ф4.
Најдобрите периоди беа почетните 13 и последните 15 минути. Од 45. минута до крајот ја анулираа предноста на Будуќност од четири гола која изгледаше дека е тешко достижна во таа фаза од мечот. Со серија од 4-0 израмнија на 22-22 и потоа десетина минути играа гол за гол. Во завршните пет направија серија од 3-0 и поведоа со 28-26 што беше преголем залак за Будуќност. Во овие минути Црногорките направија многу грешки, а во нападот на Вардар предводеше Барбара Лазовиќ.
На почетокот Вардарки добро го отворија натпреварот и по првите осум минути имаа водство од 5-1. За разлика од лошиот старт на лошото издание во полуфиналето, овој пат вардарки имаа добра поддршка и од Амандин Лејно која имаше четири одбрани во првите пет минути од мечот.
Во продожение од мечот тренерот на Будуќност ги консолидира редовите и екипата од Подгорица најпрвин успеа да го измрани резулатот на 8-8, а до крајот од првото полувреме дојде и до предност од два гола (16-14).
Котнролата на Будуќност траеше уште 15-тина минути, а потоа кај нив преовлада деконцентрираноста, веројатно и уморот по вчерашниот исцрпувачки пораз од Ѓер. Вардар не дека блескаше, напротив, повторно се „покажа“ со 19 технички грешки во нападот, но тука беше Амандин Лејно да компензира со 14 одбрани.
Во продолжението се играше „гол за гол“, при што Будуќност ја одржуваше минималната предност, а Вардар успеваше да израмни, за во 55. минута преку Хмирова „црвено-црните“ да поведат со 27-26. Цвијиќ промаши зицер, по што Дамњановиќ погоди од лев бек за водство од 28-26, по што Аџиќ беше принуден да побара тајмаут. Црногорките се приближија до 29-28, но Хмирова го постигна клучниот погодок со кој ја запечати победата, изразена со конечни 30-28.
Андреа Пенезиќ со седум гола беше најефикасна кај ЖРК Вардар, пред Радичевиќ со шест и Лазовиќ со четири гола, додека најпрецизна кај Будуќност беше Неагу со осум погодоци. Лејно беше одлична на голот на „вардарки“ со 14 одбрани, наспроти само шест на Ждериќ на спротивната страна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.