| четврток, 6 декември 2018 |

„Биокварк“ доби дозвола да оживува мртовци: Се бара лек за Алцхајмеровата и за Паркинсоновата болест

mozok

Американската биотехнолошка компанија „Биокварк“ доби дозвола да регрутира 20 клинички мртви пациенти и да се обиде да го врати во живот нивниот централен нервен систем. Доколку од компанијата успеат успешно да реанимираат делови од горниот дел на ‘рбетниот мозок, каде што се наоѓа мозочното стебло, постои можност пациентите да повратат некои од основните телесни функции, како дишењето и биењето на срцето – што сега е возможно само со помош на апарати.

Институционалниот одбор на Националните институти за здравство на САД и Индија и даде дозвола на компанијата да почне со клинички тестирања кога ќе биде подготвена, а регрутирањето на пациенти за т.н. „Проект РеАнима“ започнува веднаш.

Првата фаза од тестирањето треба да обезбеди доказ дека навистина може да се оживи мозокот со помош на комбинација на техники, вклучувајќи лекови, стимулација на нерви и ласерска терапија. А доколку не може да се направи тоа, научниците ќе истражуваат дали можат да предизвикаат некакви промени во менингите на мозокот, односно слоевите ткиво кои се наоѓаат помеѓу черепот и површината на мозокот, се со цел да се подобри пулсот, сатурацијата на кислород во крвта, крвниот притисок и дишењето на пациентите.

Откако ќе добијат дозвола од семејствата, научниците ќе ги третираат тие 20 клинички мртви пациенти во период од шест недели во болницата Анупам во Рудрапур, Индија и потоа ќе ги надгледуваат во период од неколку месеци за да видат дали се случиле некакви промени. Компанијата планира да ги врати во живот овие пациенти со помош на четири различни третмани, при кои ќе користи комбинација на алатки за регенеративна медицина и веќе постоечки медицински уреди кои се користат за стимулација на централниот нервен систем кај пациенти со други сериозни нарушувања на мозокот, и тоа:

Инјектирање на пептиди (протеински ланци) во ‘рбетниот мозок секој ден.

Инјектирање на матични клетки во мозокот два пати во неделата.

Транскранијална ласерска терапија – неинвазивен третман кој користи светлина за да навлезе во черепот и да ги активира природните процеси на закрепнување на телото.

Стимулација на нерви – неинвазивна техника која доставува електрични импулси до нервите на горните екстремитети.

Да разјасниме, пациентите со мозочна смрт или клинички мртвите пациенти се одржуваат во живот единствено со помош на апарати, што значи дека тие не можат самостојно да дишат и нивниот мозок целосно ги исклучил сите функции. Но, многу клинички мртви пациенти задржуваат одредени витални функции, како обработка на отпадот (измет), варење на хранливите материи, исцелување на раните, растење и созревање, а некои дури можат успешно да се борат со инфекции. Доколку научниците успеат да го оживеат нивниот мозок, тие би можеле повторно да добијат некаков привид на животот. Но, да не одиме предалеку, бидејќи сѐ уште има многу работа пред сето ова да стане реалност и тоа само ако овие клинички тестирања покажат позитивни резултати.

Во секој случај, ова истражување ќе овозможи увид во состојбата на мозочна смрт, што ќе биде особено важно за идниот терапевтски развој и третман на други сериозни нарушувања на свеста, како што е комата и вегетативната состојба со минимална свест, како и некои дегенеративни состојби како Алцхајмеровата и Паркинсоновата болест, објаснува основачот и претседателот на компанијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top