| четврток, 6 декември 2018 |

Автобусот што излета кај Будимпешта извлечен со тешка механизација од канал со вода (видео)

Автобусот што ноќеска излета од патот во близина на Будимпешта бил од скопската туристичка агенција „Тото“, а во него патувале 25 патници и тројца возачи, соопштуваат од МНР повикувајќи се информации што ги добиле од туристичката агенција.

Од агенцијата соопштиле дека ноќеска во 1.45 часот возачот на автобусот им јавил дека се случила сообраќајна несреќа во близина на главниот град на Унгарија и дека патниците биле пренесени во две болници. Во болницата во градот Татабања биле однесени десет патници и двајца возачи, а во болницата во градот Гер биле однесени 15 патници и возач. Според листата на патници, која била доставена до МНР, во автобусот имало и две деца.

Од видеоснимките направени од унгарските медиуми се гледа дека автобусот откако излетал од патот завршил во канал со вода. Во извлекувањето на патниците и на автобусот учествувале пожарникари и тешка механизација.

Претставници на македонската амбасада се во посета на повредените патници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top