Од специјалното јавно обвинителство не сме добиле никакви податоци за притисоци врз Kоста Kрпач, објави вчера скопското Основно јавно обвинителство откако ги прегледало добиените материјали од тимот на Kатица Јанева.
Оттаму додаваат дека, и покрај несоработката со специјалното јавно обвинителство, тие и понатаму продолжуваат да го испитуваат случајот. Познато е дека специјалното јавно обвинителство неодамна соопшти дека располгаат со конкретни докази дека врз Kрпач, чие мртво тело беше пронајдено во неговиот стан во Скопје, биле вршени притисоци. Тој, според СЈО, требаше да биде сведок во нивната истрага која е водена. Претходно, во станот на Kрпач бил извршен и претрес по налог на специјалното обвинителство иако е сосема невообичаено да се претресуваат становите на лицата што се јавуваат како сведоци во одредена постапка.
Скопското обвинителство потсети дека по случувањето на настанот во кој Kрпач беше пронајден починат со прострелна рана во својот дом, веднаш ги презеле сите мерки и дејствија за истражување на причините за смртта и околностите под кои истата настапила.
Поради ширењето на многубројни шпекулации што ~ попречуваат на истрагата и создаваат притисок врз институциите обвинителството со должно внимание ги следи и истражува сите објавени и добиени информации за целосно да го истражи настанот и да не дозволи резултатите од истрагата да остават простор за сомнеж на кого било и за чии било интереси и цели. Меѓу објавите, како што вчера соопшти ОЈО, било и соопштението дадено од СЈО и во кое тоа наведува дека „поседува докази за многу релевантни околности, вклучително и за притисокот под кој се наоѓаше лицето Kоста Kрпач“. Заради тоа скопското обвинителство побарало да му се достават сите податоци и документација на која во изјавата тоа обвинителство алудираше, односно да ги достават сите докази за релевантни факти, вклучително и за притисокот под кој се наоѓало лицето Kоста Kрпач.
– Но, од СЈО не е доставен ниту еден доказ ниту, пак, каква било релевантна информација во таа насока, но и покрај тоа Основното јавно обвинителство – Скопје продолжува да го истражува случајот. Издадени се голем број наредби за вршење вештачења, анализи, прибирање податоци и документација. Во тек е повикување и се извршуваат разговори со лица за кои може да се очекува дека имаат одредени податоци за расветлување на настанот. Се преземаат и други истражни дејствија кои се во тек. ОЈО Скопје ќе продолжи со преземање дејствија. Соработува и ќе соработува со сите институции во насока на откривање и гонење на сторителите на кривични дела. Веднаш штом ќе се добијат конкретни податоци за случајот, јавноста ќе биде известена, соопштија од ОЈО Скопје.
Kрпач беше пронајден мртов во неговиот дом на 27 април, со прострелна рана во градниот кош. Kрпач беше академски сликар и управител на фирмата „ФИНЗИ“ ДООЕЛ која е сопственик на веб-порталот „Нетпрес“. Тој беше и меѓу лицата помилувани со одлука на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
СЈО: Доставивме допис
Наспроти ова, завчера од специјалното јавно обвинителство изјавија дека до ОЈО Скопје доставило допис со кој споделило податоци кои може да придонесат во расчистување на околностите под кои настапила смртта на Kрпач.
– Сепак, информациите и списите кои беа барани, а кои не се поврзани со испитување на околностите под кои настапила смртта на лицето Kоста Kрпач, не се споделени со Основното јавно обвинителство Скопје бидејќи истите се дел од предистражна постапка пред ова јавно обвинителство која е во тек, рекоа од СЈО.
Исто така, оттаму укажаа дека иако го прифатиле барањето за меѓуинституционална соработка и во целост соработуваат со Основното обвинителсто, за жал, рекоа од СЈО, од страна на ОЈО отсуствувал ваков однос на целосна и професионална соработка.
– Повторно укажуваме дека иако до Основното јавно обвинителство Скопје имаме испратено барања за меѓуинституционална соработка, досега немаме добиено никакви податоци по повод нашите барања и не ни се доставени копии од казнените списи кои сме ги побарале, иако член 81 од ЗKП јасно го предвидува ова право“, соопштија од СЈО.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.