Во конвергирањето кон Европската унија Македонија ги исполнува сите економски услови, констатирано е на вчерашната конференција “Македонија на патот кон ЕУ – Искуства, предизвици, перспективи“, организирана во Македонската академија на науките и уметностите, со која се одбележа 20-годишнината од почетокот на работата и официјалното воспоставување на односите со ЕУ, како и 9 Мај, Денот на Европа.
Кај најголем дел од тие услови, како што се јавниот долг, растот на економијата и слично Македонија стои подобро од просекот на ЕУ, како на пример кај растот, кој е поголем и кај јавниот долг кој е далеку понизок. Единствено поголема е стапката на невработеност. Според Виктор Мизо, директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, кој на конференцијата го изложи заедничкиот труд со вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, здравата макроекономска поставеност заедно со спроведените структурни реформи придонеле Македонија релативно успешно да се справи со светската економска криза.
– Фискалниот стимул, кредитниот раст и странските инвестиции придонесоа земјата, споредено со земјите од регионот и ЕУ, да оствари релативно повисоки стапки на економски раст. Така, во периодот од почетокот на кризата до сега просечната стапка на раст на БДП во Македонија изнесува 3%, во услови кога просечниот раст во ЕУ изнесува 0,7%, а во еврозоната 0,5%, истакна Мизо.
Тој додаде дека во наредниот период останува сите чинители, јавниот сектор, академската заедница и приватниот сектор да продолжат да работат со уште позасилено темпо на сите аспекти за подобрување на конкурентноста.
Министерот за надворешни работи Никола Попоски се задржа на политиката на проширување на ЕУ, која, како што рече, денес може да биде оценета како една од најуспешните.
– За неколкуте преостанати земји кандидати од Балканот, меѓу кои и Република Македонија, влезот во ЕУ се уште претставува најзначајна одредница која се надеваме дека можеме да ја оствариме во следниот период, рече Поповски.
Според него, кога ќе бидеме дел од ЕУ, спорот за името, наметнатите препреки во делот на европско интегрирање, внатрешните политички конфронтации би биле релаксирани или непостојни. Попоски потсети на реформите кои Македонија ги направила изминатите години и додаде дека од влезот во ЕУ ќе добиеме стабилност и подобра економија.
Вицепремиерот за европски прашања Арбр Адеми смета дека треба да се покаже патот кон европската перспектива за нашите граѓани и да ни се отвори можност Македонија да почне со пристапните преговори.
– Политичката ситуација во земјава е во една комплексна фаза. Потребен е здрав разум и политички одговорни луѓе, рече тој и додаде дека ни е потребна и натамошна агресивна имплементација на итните реформски приоритети, обезбедување на препораката на ЕК за почеток на пристапните преговори, продлабочување на добрососедските односи и продолжување со проактивен и позитивен однос кон сите регионални иницијативи и воопшто регионалната соработка.
Поддршката за исполнување на критериумите за членство што Македонија ја добива од САД ќе продолжи, посочи американскиот амбасадор Џес Бејли, додека евроамбасадорот Аиво Орав упати на итно разрешување на актуелната политичка криза.
Според претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, нема друга опција за иднината на Македонија освен евроинтеграцијата.
– Нема развојна перспектива за Република Македонија надвор од ЕУ, со оглед на големината на пазарот, нашата географска припадност кон овој регион и со оглед на фактот дека ние имаме многу мала економија и нашите претпријатија не може да бидат конкурентни и да остварат економија од обем, без еден така широк и силен пазар, како оној што е на ЕУ, со повеќе од 500 милиони луѓе, со огромна куповна моќ, рече тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)