| четврток, 6 декември 2018 |

Кливленд ја прегази Атланта со нов рекорд во НБА лигата (видео)

lebron dzejms

Минатогодишниот вицешампион во НБА лигата екипата на Кливленд цврсто е решен повторно да игра за шампионскиот прстен откако синоќа во полуфналната серија во источната конференција против Атланта поведе со 2-0.

„Кралот“ Џејмс и другарите постигнаа рекорд во НБА лигата по бројот на постигнати тројки за висока победа над својот противник од 123-98.

Кливленд постигна неверојатни 25 тројки, што е апсолутен рекорд во најквалитетната лига во светот и во натпреварите од регуларниот дел од сезоната и во плејоф мечевите.

Вториот меч во Кливленд го обележа Џеј Ар Смит со седум тројки и 23 постигнати поени, додека повторно најефикасен беше Леброн Џејмс со 27 поени и пет асистенции.

Рекордот со 25 тројки, Кливленд го постави со тоа што дури десет кошаркари реализираа удар за три поени барем по еднаш. Двоцифрен број поени, на крајот, имаа и Кајри Ирвинг со 19 поени, и плус шест асистенции, како и Ченинг Фреј со 12 поени и Кевин Лав со 11 поени, дополнети и со 13 скока.

Атланта ја предводеше Пол Милсап со 16 поени и 11 скока, а 14 коша постигна Џеф Тиг.

– Ова беше посебна вечер за нас. Оваа лига видела многу одлични тимови, играчи и шутери, па да се постави еден ваков историски рекорд е навистина посебна работа – истакна по мечот Леброн Џејмс.

Следните два натпревари се играат на паркетот на Атланта.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top