| четврток, 6 декември 2018 |

Втор „МакеДокс“ викенд

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ на 6 и 7 мај 2016 година го организира вториот „МакеДокс Кино-викенд“, кога уште еднаш ќе погледнеме некои од документарните филмови кои беа дел од програмата на Фестивалот.

За вториот „МакеДокс Кино-викенд“ подготвивме два документарни филма, едниот за старата југословенска кинематографија – „Синема Комунисто“, а другиот за актуелниот белоруски „Слободен театар“ – „Опасни дела“. Овојпат, проекциите ќе почнуваат во 21 часот и ќе бидат во кино „Култура“, пригодно за симбиозата на старото кино и новиот театар. А кога сме кај старото, на 6-ти мај, по проекцијата ќе направиме и винил-игранка со грамофонски плочи. Донесете и вие некоја!

Само како потсетување, „Вардар Филм“ го снима првиот македонски игран филм „Фросина“ по сценарио на Владо Малески, а во режија на Воислав Нановиќ. Снимател бил Киро Билбиловски. Премиерата е одржана на 28 јуни 1952 година во скопското кино „Култура“.

Исто така, кината порано биле и некој вид на статусни симболи… Со оглед на тоа во кое кино одиш, ненаметливо покажуваш што те интересира и на која општествена група припаѓаш. Па, киното „Култура“, со своите два балкона, важело за елитно кино каде што се давале премиерите на домашните филмови, киното „Бамби“ било детско кино, а хит-филмовите (блокбастерите) биле резервирани за „Вардар 1“ и „Вардар 2“. Љубителите на меки порно-филмови (или еротски, како што се викале тогаш) и на акционите филмови (или тепачките филмови) оделе во киното „Напредок“ во Старата чаршија.

Ајде… на кино, на театар! Ајде во кино „Култура“!

21:00 – „Синема Комунисто“ (Србија/2010/100′)

Сместен во топ-листите на „Волстрит џурнал“ како филм кој не смее да се пропушти, ова наградувано остварување на Мила Турајлиќ, преку инсерти на десетина југословенски филмови, ексклузивни интервјуа и архивски снимки од филмски снимања и титовите приватни проекции, создава слика за Југославија – онаа официјалната и скриената зад кулисите. „Синема Комунисто“ ги истражува митовите кои ги поддржувала Југославија, но и начинот на кој фикцијата и реалноста се разминуваат сè до конечниот колапс.

Денес, од тоа се останати само сценографии во распаѓање, заборавени филмски студија и филмски инсерти за земјата која повеќе не постои. Во филмот ќе ги слушнете приказните на Лека Константиновиќ, лично задолжен за филмските проекции на Тито цели 32 години и човек кој проектирал 8.801 филм за Тито, актерот Бата Живојиновиќ, лицето на Југословенската кинематографија и најпопуларен актер во Кина, режисерот Вељко Булајиќ, кој зборува за своите филмови, но и за постерите за неговиот филм номиниран за Оскар „Битката кај Неретва“, кои ги дизајнирал Пабло Пикасо.

07.05.2016 – Сабота

21:00 – „Опасни дела“ (САД/2013/76‘)

Прошверцувани снимки и нецензурирани интервјуа направени од граѓани и режирани преку „Скајп“ нè водат директно на улиците во Минск и зад кулисите на Белорускиот слободен театар. Оваа „подземна“ театарска трупа, составена од 35 уметници од САД, Велика Британија и Нигерија, станува една од светски најсубверзивните, зашто решава по секоја цена да му се спротивстави на т.н. „последен европски диктатор“ – Александар Лукашенко. Ги обединува креативниот пркос и неиздржливата глад за слобода. Апсени, затворани и прогонувани, но никогаш замолчени, тие упорно ја шират најгласната критика против репресивниот режим во Белорусија.

Билети:

100 ден. со резервација на: contact@makedox.mk

(испратете име/презиме и наслов на филм)

150 ден. на врата

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ е основан во Скопје во 2010 година со цел да ја претстави и промовира креативната документарна филмска уметност. Главните три цели на „МакеДокс“ се едукација на млади филмофили, ширење на етичките идеи и придонес во одржувањето и развојот на човековите права.

Здружението за промоција на документаристиката „МакеДокс“ своите активности ги реализира низ повеќе платформи, како Фестивалот „МакеДокс“, Патувачкото кино, едукативните „Ние сме визуелни“, „АКТив“, „МакеДокс во училница“, Младински филмски клубови, потоа со Балканската дистрибутивна документарна мрежа (БДДМ), а како своја најнова форма на промоција на креативната документаристика организира „МакеДокс Кино-викенд(и)“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top