Баерн Михен доживеа елиминација во полуфиналето на Лигата на шампионите, откако синоќа победи само со 2-1 на домашен терен, но тоа не беше доволно за да го мине Атлетико Мадрид, кој дојде на „Алијанц арена“ со предност од 1-0. Извршниот директор на баварскиот клуб, Карл – Хајнц Румениге, истакна дека сепак Баерн Минхен се чувствува измамено, поради неколку одлуки на главниот судија Чакир.
– Баерн се чувствува измамено. Голот на Атлетико Мадрид беше постигнат од офсајд, а фаулот по кој им беше досуден пенал беше надвор од шеснаесетникот. Тоа се одлуки кои директно решаваат за резултатот. За главниот судија, ова беше втор полуфинален натпревар од ЛШ за седум дена, не знам дали тој може да го издржи ова темпо. Срамота е она што ни го направи, дури и делегатот на средбата ми призна дека сме оштетени – изјави Румениге.
Повторената снимка, а и фотографиите од натпреварот укажуваат на тоа дека Гризман не се наоѓа во офсајд позиција кога Торес го проигрува, додека Атлетико не го претвори во гол подарениот пенал од Чакир. Тоа, сепак, не го оспорува фактот дека турскиот судија не се снајде во улогата и, како и во неколку негови претходни изданија, повторно предизвика бура околу неговата арбитража.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.