Продолжува неизвесната трка за престижната „Златна копачка“ во фудбалска Европа. На врвот на најдобри стрелци и понатаму е Луис Суарез, но во трката се врати и Гонзало Игуаин.
Откако пред десетина дена со два „покера“ (осум голови) го превзема првото место, Луис Суарез и овој викенд постигна гол и ја задржа предноста.
Меѓутоа, овој пат предноста од три гола не е во однос на Жонас и Кристијано Роналдо, кој не играше поради повреда, туку на повратникот Гонзало Игуаин.
Аргентинскиот напаѓач, кој паузираше три натпревари поради суспензија, ги постигна двата гола во победата на Наполи против Аталанта и ги надмина Роналдо и Жонас на втората позиција со 32 гола, три помалку од Суарез.
Секако, Игуаин да не беше суспендиран, многу веројатно е дека тој ќе беше лидер сега и главен претенденд за наградата најдобар стрелец во Европа. Сега му е отежната, но не и недостижна шансата во последните две кола од Серија А да го престигне Суарез.
Наполи гостува во Торино, а во последното коло го дочекува Фрозиноне, додека Барселона прво го дочекува Еспаљол, а последниот првенствен натпревар ќе гостува кај Гранада.
Во Топ 10 листата се врати Златан Ибрахимовиќ кој постигна два гола, по бројот на голови пред него е само Суарез, но Швеѓанецот со своите 34 погодоци се наоѓа дури на седмото место поради коефициентот на француската Лига 1, кој изнесува 1,5.
Покрај Роналдо и Жонас, во листата без промени од последниот викенд, без постигнат гол, се и Роберт Левандовски и Лионел Меси.
За потсетување, титулата за најдобар стрелец ја брани Кристијано Роналдо кој претходните две години ја освојуваше, а во случај да ја освои и оваа година ќе биде првиот фудбалер кому му успеало тоа три години по ред.
Исто така, Роналдо е и фудбалерот со најмногу освоени „Златни копачки“, ги има четири, една повеќе од Меси и освен нив ниту еден друг ја нема освоено повеќе од два пати.
Моменталната состојба во Топ 10 листата за наградата „Златна копачка“:
Играч | Клуб | Голови | Поени |
1. Луис Суарез | Барселона | 35 | 70 |
2. Гонзало Игуаин | Наполи | 32 | 64 |
3. Кристијано Роналдо | Реал Мадрид | 31 | 62 |
4. Жонас | Бенфика | 31 | 62 |
5. Роберт Левандовски | Баерн Минхен | 27 | 54 |
6. Ислам Слимани | Спортинг Лисабон | 26 | 52 |
7. Златан Ибрахимовиќ | ПСЖ | 34 | 51 |
8. Лионел Меси | Барселона | 25 | 50 |
9. Пјер-Емерик Обамејанг | Борусија Дортмунд | 25 | 50 |
10. Хари Кејн | Тотенхем | 25 | 50 |
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.