Граѓанските организации „Го грин“ (Go Green), „Ајде Македонија“ и „Грашница“, заедно со претставници на туристичкиот и јавниот сектор во Македонија организираат серија акции за чистење отпад во Скопје, Охрид, Демир Капија, Маврово и во Крушево во насока на поддршка на активностите во туризмот во Македонија, но и за подигнување на јавната свест за проблемот со отпадот особено во туристичките дестинации.
Првата акција за чистење започнува на четврти мај во Демир Капија со чистење на пешачите патеки од Демир Капија до Чифлик и Демир Капија до село Клисура а се во организација на „Македонија травел“ и локалните власти. Во Крушево акциите се одржуваат на 6 и 7 мај со чистење од Крушево до Мечкин Камен и кај Крушевско Езеро во организација на „Хели клуб“ од Крушево. На 6 мај во организација на Грашница и „Го грин“ во Охрид се организира чистење на патеки на планината Галичица, додека на 7 мај на 4 локации кои ги вклучуваат Горица 2, Заливот на коски, с.Елшани и во градот Охрид, додека на 8 мај акциите завршуваат со финална акција за чистење во Скопје и Маврово.
-Мора да се ангажираме сите за да ја зголемиме свеста кај граѓаните за отпадот, воспоставување инфраструктура за управување со отпад и доследна имплементација на веќе донесените правила и планови за управување со отпад – вели Антонио Јовановски од „Го грин“.
Оваа организација веќе работи на подолгорочна стратегија за подигнување на јавната свест на ниво на целата држава со која ќе се обидат да влијаат на граѓаните да создаваат помалку отпад и да го фрлаат само на одбележани места.
-Решението на проблемот со дивите депонии е во зголемување на свеста кај луѓето за проблемот. Ги повикувам сите граѓани на Скопје, Демир Капија, Охрид, Крушево и Маврово, но и во целата држава да ни се приклучат на акцијата – изјави Антонио Јовановски.
Акциите за чистење ќе почнат во 10 часот, а за сите учесници се обезбедени вреќи за собирање отпад и ракавици.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.