Гилјермо Мартинес, најпреведуваниот аргентински писател на 21. век и еден од најчитаните аргентински писатели беше во Скопје, на штотуку завршениот Саем на книгата. Тој беше специјален гостин на „Антолог“, издавачката куќа која го објави романот „Бавната смрт на Лусијана Б.“. Мартинес во моментов е најпознат како автор на „Оксфордски убиства“, роман што беше вистинска сензација во Аргентина, Шпанија, Велика Британија, и во САД и според кој беше снимен истоимениот холивудски хит со Џон Харт и со Илајџа Вуд го главните улоги.
„Антолог“ досега има објавено четири од книгите на овој писател со исклучителен прием од страна на читателите и тоа „Жената на маестрото“, „За Родерер“ „Оксфордски убиства“ и „Бавната смрт на Лусијана Б.“
Мартинес е роден во 1962 година во Баија Бланка, град во покраината Буенос Аирес. Почнал да пишува под влијание на татко му Хулио Мартинес, агроном, фармер, шахист и страстен читател. Дипломирал математика во родниот град, а докторирал математичка логика во Буенос Аирес, по што заминал на постдокторски студии во Оксфорд, Британија. Со помош на стипендии и на грантови извесен период престојувал на писателски резиденции во Канада, во Соединетите Американски Држави, во Италија. Бил гостин професор на многу факултети во Европа, САД и во државите од Латинска Америка. Живее во Буенос Аирес со сопругата и со ќерката. Игра шах и тенис. Автор е на десет книги, од кои половината се романи. Неговата окупираност со математиката и со логиката се одразува во објавените книги есеи „Борхес и математиката“ (2003), „Формула за бесмртност“ (2005), „Годел за секого“ (2009). Автор е и на збирките раскази „Големиот пекол“ (1989) и „Одбивна среќа“ (2013), за која ја добил наградата „Габриел Гарсија Маркес“ во 2014 година, едно од многуте високи книжевни признанија во неговата биографија. Неговите дела се инспирирани од: Борхес, Хенри Џејмс, Кафка, Томас Ман, Гомбрович, Казанова, Дарел, Толстој. Преведен е на 40 јазици.
Како им успеа на издавачкиот центар „Антолог“ и на Жарко Кујунџиски да ве доведат во Македонија и тоа токму за Саемот на книгата? Што ви кажа за да ве убеди да дојдете во Скопје?
МАРТИНЕС: Главната причина што сум во Скопје е тоа што „Антолог“ ја објави мојата четврта книга „Бавната смрт на Лусијана Б.“. Многу ми е драго што издавачките куќи, освен криминалистичките романи по кои сум познат, ги објавуваат и романите што имаат друга тематика. Такви се првите два романа, кои не се во овој жанр, туку се математичка фикција. Јас не сум само писател што пишува криминалистички романи. Тука дојдов како поддршка на промоцијата на овој, последниот роман.
Ве изненади ли Вашата популарност во Македонија?
МАРТИНЕС: Да, многу сум изненаден. Изненаден сум што сум познат на Балканот. Претходно бев во Нови Сад каде што добив и награда. Во Србија се објавени пет мои романи, два во Унгарија… Прекрасно е да се види дека и покрај тоа што земјата од каде што потекнувам нема ништо заедничко со овие земји и културата ни е различна, луѓето ги читаат моите романи.
Во Вашата биографија пишува дека Вашиот татко одбивал да купи телевизор за да може вие да поминувате повеќе време со книгите и да читате. Дали тој денес е заслужен за тоа што сте писател и дали сте му благодарен за таа одлука?
МАРТИНЕС: Кога бев дете, таа одлука на татко ми ми предизвикуваше тешкотии. На пример, на училиште сите разговараа за тоа што гледале на телевизија, раскажуваа за некои шеги, а јас не знаев за што зборуваат. За викендите одевме кај баба ми и таа имаше ТВ-приемник. Одвреме-навреме можев да гледам нешто на телевизија. Сепак, мислам дека таа одлука на татко ми беше мудра. Сите ние, и јас и моите браќа, сме големи читатели и до денес го задржуваме дружењето со книгите што ни го всади нашиот татко. Се надевам дека татко ми би бил многу горд на мене, но за жал, тој почина пред јас да почнам да пишувам и да ги објавувам моите книги. Денес на мојата ќерка ѝ дозволувам да гледа телевизија или да биде на компјутер, но тоа е дозирано и со точно определено време. Последниот еден час пред спиење таа чита книга.
Вашата окупираност со логиката и со математиката се одразува во вашите дела. Што има толку фасцинантно во овие науки? Дали тие даваат одговори на некои животни прашања?
МАРТИНЕС: Не верувам дека математиката ќе даде одговор на некое големо животно прашање како што се прашањата за религијата, за економијата, за политиката, но оваа наука дава овие прашања да се разгледуваат на поинаков начин и дава поинаков поглед на животот.
Според вашиот роман „Оксфордски убиства“ беше снимен и филм кој беше хит и каде што во главните улоги беа Џон Харт и Илајџа Вуд. Дали го гледавте филмот? Дали ви се допадна?
МАРТИНЕС: О, да, многу ми се допадна. Бев на премиерата. Не соработував на сценариото, ме прашаа за некои работи и дадов две-три сугестии. Има поинаков дух за разлика од книгата, но, сепак, конечниот производ е многу добар. Џон Харт е одличен актер и многу ми е драго што тој е дел од филмот.
Иако имавте кратка посета во Скопје, побаравте да го разгледате градот. Што ви се допадна најмногу?
МАРТИНЕС: Бев во еден прекрасен ресторан каде што имаше жива музика, првпат пат во животот слушав староградска музика. Можев да ги набљудувам луѓето, уживав во нивната среќа. Бев со некои актери, едноставно многу убаво.
Дали познавате некој македонски писател или уметник? Дали сте запознаени со нивната работа?
МАРТИНЕС: За жал, не. Запознав една дизајнерка, која воедно е и сликарка. За македонската култура знаев од претходно, она што сум го читал. Многу ми се допадна Саемот на книга. Мал е, но има само книги. На многу други саеми на книги има и други дополнителни работи, освен книги. Луѓето доаѓаат, купуваат книги и има многу млади кои купуваат книги. А тоа е најважно.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
„Антолог“ ја најави добитничката на наградата „BookStar“ 2018 : Во Скопје доаѓа Славенка Дракулиќ
-
„Антолог“ објави две обновени лектирни изданија од Александар Кујунџиски
-
„Бележникот на татко ми“ од најтиражниот писател од Холандија – Кадер Абдолах
-
„Антолог“ го објави романот „Просечен индекс на среќата“ која ја доби Наградата за литература на ЕУ за 2015