За да се селектираат ризичните бремености, многу е важно скенирањето во првото тримесечје, кое е сума од биохемиско и од ултразвучно скенирање во комбинација со возраста на мајката, вели доцент д-р Марија Хаџи-Лега, директорка на Клиниката за гинекологија и акушерство.
Зошто е многу важно скенирањето на бременоста во првото тримесечје од бременоста?
ХАЏИ-ЛЕГА: Кога зборуваме за скенирање во првото тримесечје, пред сè, се мисли на скенирање кое се врши од 11 до 13 недела и шест дена. Тоа скенирање, всушност, претставува сума на биохемиско и ултразвучно скенирање во комбинација со возраста на мајката. Во 70-тите години на минатиот век важело правилото дека постои зголемен ризик за хромозомопатии, како што е на пример Дауновиот синдром, за жени кои имаат над 35 години. Со бројните студии од 90-тите години докторите успеваат да дојдат до сознание дека децата со Даунов синдром имаат зголемена акумулација на течност во пределот на вратот. Докторот Кипрос Николаидес ја трансформирал оваа карактеристика во ултразвучна карактеристика, односно во мерење на така нареченото нухално задебелување на вратот на бебето. Се покажало дека ефикасно може да се користи во селектирање на високоризична популација на трудници која би родила плод со Даунов синдром. Подоцна, во 2000 година е дојдено до сознание дека комбинацијата на задебелувањето на вратот кај бебето со одредени биохемиски маркери, кои всушност циркулираат во крвта на мајката, имаат видоизменети вредности во однос на нормалната популација. Овие сознанија овозможиле комбинирање на ултразвучниот наод и на биохемиските маркери, заедно со возраста на мајката и со уште еден понов маркер, а тоа е присуството, односно отсуството на носна коска, кои овозможуваат селектирање, односно скенирање на 97 проценти од популацијата која би носела плод со Даунов синдром. Но, мора да се има предвид дека овде се работи за скенирање, само за селектирање на високоризичната група. За додефинирање, односно, за да се увиди дали се носи плод со Даунов синдром или со некоја друга хромозомопатија, потребно е да се направи инвазивна дијагностичка процедура, а тоа е амниоцентезата, која се прави по 16. гестациска недела или нешто порано, во првото тримесечје, кога може да се направи хорион-биопсија со која се одредува кариотипот. Со ова скенирање е овозможено да се намали стапката на инвазивните дијагностички процедури.
Дали на ГАК постои лабораторија која може да ги открива тие аномалии?
ХАЏИ-ЛЕГА: Ова скенирање е успешно имплементирано и постојано се надополнува и на ГАК постои ваква лабораторија за биохемиско скенирање за хромозомопатија. Порано имаше постар апарат, но технологијата оди напред, така што беше набавен нов, посовремен апарат. Тој беше набавен во рамките на големиот тендер за набавка на Владата на Република Македонија. Од 2011 година интензивно се работи на сумирање на резултатите на нашата популација. Порано трудниците плаќаа за овој тест, сега комплетно се ослободени од партиципација, така што сите имаат можност бесплатно да направат скенирање во првото тримесечје. За точноста на овој метод многу е важно ултразвучното мерење кое бара одредена обука. Ако не се направи правилно, може да се добијат лажни позитивни резултати.
Што покажуваат истражувањата, кои се најчестите аномалии во бременоста?
ХАЏИ-ЛЕГА: Се работи на намалување и на превенција на аномалиите. Во нашите протоколи за антинатална грижа се имплементирани новините. Три месеци пред забременување и во текот на првото тримесечје со фолната киселина значително се намалува ризикот од појава на дефекти. Најчестите малформации што ги откриваме во текот на бременоста се аномалии на централниот нервен систем, расцеп на ’рбетниот столб. Чести се и вродените срцеви мани кои може да ги откриеме дури и во првото тримесечје.
Дали кај трудниците во Македонија има свест дека треба редовно да се оди на преглед додека трае бременоста? Дали некои од пациентките одбиваат да направат некои од прегледите што им ги препорачува докторот?
ХАЏИ-ЛЕГА: Интензивно се работи на кампањите за подигнување на свеста, и ние како гинеколози работиме во едуцирање на женската популација надвор од бременоста. Мислам дека постои подигнување на свесноста, иако таа може да биде уште повисока. Од мошне големо значење е редовно контролирање на бременоста. Постојат точно утврдени постапки, односно скенирања кои треба да се направат во точно определен период кај прворотка или кај трудница со втора или со трета бременост.
Државата обезбеди бесплатен преглед и лабораториски анализи за сите трудници кои имаат здравствено осигурување. Дали се зголеми бројот на трудници кои доаѓаат на преглед?
ХАЏИ-ЛЕГА: Постои зголемен број пациентки. Пред да се воведе комплетното ослободување од партиципација, беа опфатени само социјално загрозените категории. Сега се опфатени сите трудници. Се надеваме дека сите идни мајки ќе ја искористат оваа можност и ќе ги направат сите неопходни иследувања, а сѐ со цел да имаме здрави поколенија. Потребно е навремено откривање и скенирање на високоризичните популации на трудници. Тоа се трудници кои имаат висок ризик од хипертензија во текот на бременоста, трудници со развој на гестациски дијабет во текот на бременоста, така што со овие прегледи би се овозможило навремено откривање и селектирање на овие високоризични групи за да може да се употребат превентивни мерки. На пример, кај популација која има висок ризик на зголемен крвен притисок, со многу едноставен метод, заедно со еден дополнителен биохемиски маркер во првото тримесечје може да ја селектираме трудницата дали има ризик да развие прееклампија во текот на бременоста. Таквиот ризик би можеле успешно да го намалиме со примена на ниски дози аспирин. Тоа е еден пример како со многу едноставна мерка може да намалиме стапка на одредена високоризична бременост, а кој, всушност, може да наметне потреба од предвремено породување.
Колку е важно скенирањето во вториот дел од бременоста?
ХАЏИ-ЛЕГА: Во светот постои тенденција многу работи да се селектираат во првото тримесечје. Следното важно скенирање е во второто тримесечје, од 20. до 22. гестациска недела, кога се евалуираат сите фетални структури – мозокот, екстремитетите, предниот абдоминален ѕид, органите во торакалната празнина… сè со цел да се откријат евентуални фетални аномалии кои се манифестираат подоцна за да може да се дадат совети како правилно да се одржи бременоста докрај, како и да ја селектираме групата со аномалии во која би требало повторно да направиме инвазивна дијагностичка процедура. Новината што успеавме да ја имплементираме на ниво на перинатолошкото здружение на нашата земја е скенирање кај асимптоматски пациентки за предвремено породување токму во скенирањето во второто тримесечје. Тоа се состои во мерење на грлото на матката со вагинална сонда со која може да ја селектираме високоризичната група кај која може да очекуваме да дојде до предвремено породување. Студиите покажале дека во таа високоризична група внесувањето на вагинален прогестерон во оваа популација со скратена должина на грлото на матката може да доведе до намалување на стапката на предвремено породување дури за 45 проценти, како и на стапката на перинаталниот морталитет за околу 45 проценти. Можеби оваа новина ќе доведе до намалување на стапката на предвремено породување во Македонија.
Неодамна престојувавте во Хамбург, Германија, каде што се наоѓа центарот за пренатална дијагностика. Со какви искуства се вративте оттаму?
ХАЏИ-ЛЕГА: Преку програмите за едукација што ги воведе Министерството за здравство, престојував во врвната клиника „Епендорф“ и тоа во центарот за пренатална дијагностика кој се занимава со третирање на високоризични бремености, скенирање во прво и во второ тримесечје. Имав можност да се запознаам со третманот на монохориатни близначки бремености. Тоа се случаи во кои близначињата делат една постелка и кај кои често се јавуваат компликации. Имав можност да видам многу вакви случаи. На третманите имаше пациенти од цела Европа. Имав исклучителна можност да видам многу ретка компликација што се јавува само кај еден процент од овие близначки бремености, а тоа е таканаречениот „трап-синдром“или синдром во кој постои обратна циркулација помеѓу двата близнаци и всушност едниот нема вистинско срце. Имав можност да видам како се третира тоа и размислуваме овој метод да го воведеме на ГАК.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)