| четврток, 6 декември 2018 |

Атлетико го совлада Баерн, со минимална предност патува во Минхен (видео)

atletico-madrid--bayern-munich-2016-1-1

Атлетико Мадрид продолжува со успешните настапи во Лигата на Шампиони. По елиминацијата на Барса во четвртфиналето, тимот на Диего Симеоне вечерва во првиот полуфинален дуел на домашен терен го совлада Баерн Минхен со 1-0.

Фудбалерите на Атлетико од самиот почеток на натпреварот стартуваа поагресивно, ја превземаа контролата на играта и уште во 11. минута мрежата на голот на Мануел Ноер се затресе.

Саул Нигез ја доби топката на дваесетина метри од голот, по што направи извонреден соло пробив, вистински „слалом“ низ одбраната на Баерн и го круниса тоа со прецизен удар во долниот десен агол од голот за водство на Атлетико од 1-0.

Нова шанса домашната екипа имаше преку Антоан Гризман, кој упати одличен удар, но Ноер овој пат не дозволи да биде изненаден.

До крајот на полувремето неколку шанси имаа и гостите од Минхен преку Коста и Лима, но Атлетико умешно ја чуваше предноста.

Посериозни закани кон голот на Атлетико имаше во второто полувреме, Баерн играа поконкретно и поопасно од првите 45 минути. Малку недостасуваше во 55. минута да видиме уште еден еврогол вечерва, во режија на Давид Алба. Фудбалерот на Баерн упати вистински проектил од триесетина метри кон горниот лев агол од голот, но топката заврши во пречката.

Минута подоцна нова опасност пред голот на домашната екипа, после изведен корнер од левата страна Хави Мартинез беше највисок во скокот, но неговиот шут го скроти одличниот Јан Облак.

atletico-madrid--bayern-munich-2016-1-2

Левандовски имаше обиди, но без успех, а во 74. минута Видал биеше силно од дваесетина метри, но Јан Облак уште еднаш извонредно интервенираше.

Атлетико ја имаа најдобрата шанса, после таа во 11. минута, преку напаѓачкиот тандем Гризман и Торес, но без погодок овој пат, обидот заврши во стативата.

Во завршните минути Баерн продолжи со обидите да дојде до израмнување, во игра влезе и Томас Милер на местото на Алкантара, но резултатот остана непроменет.

Атлетико мадрид патува во реванш натпреварот во Минхен со минимална предност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top