Управата за безбедност и контраразузнавање будно ги следи протестите и сите можни ризици по безбедносната состојба во Македонија. Будно се следат и информациите за можно делување на странски државјани, вели во интервју за Press24 директорот на УБК, Љубчо Андоновски.
Press24: Деновиве медиумите пренесуваат бројни информации и обвинувања, пред се од техничкиот Министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, дека заедно со заменикот Чавков креирате хаос во МВР. Како ги коментирате овие наводи?
АНДОНОВСКИ: Не би се согласил со наводите, само би сакал да истакнам дека како раководител на институција која е задолжена за заштита на внатрешната безбедност на државата од сите закани и ризици продуцирани од современите феномени и трендови, ги спроведувам активностите согласно Уставот и законите на Република Македонија.
Како функционер именуван од страна на Владата на Република Македонија, сметам дека сум должен и одговорен за спроведување на одлуките донесени од Владата на Република Македонија. Секое непочитување и непостапување по одлуките на Владата е кривично дело. Јас како човек која целата своја професионална кариера ја имам поминато во безбедносните служби нема да дозволам притисоци кои би оделе против државата и против одлуките на Владата. Тој што постапува спротивно на Уставот и законот треба да биде свесен за последиците.
Press24: Вие испративте и писмо до Спасовски во кое му образложивте дека мора да постапувате согласно Законот. Каква беше реакцијата на техничкиот министер?
АНДОНОВСКИ: Да, точно е. Испратив известување на 22.04.2016 година, кое беше достапно и до медиумите и јавноста, но до овој момент немам добиено никаков одговор, ниту пак коментар на моето известување или како што велите вие реакција. Негова лична одлука е дали ќе работи согласно законот или ќе спроведува некаква агенда. Секој одговара за сопствените одлуки. Единствено што можам да порачам е дека интересот на државата и народот, секогаш треба да биде над личниот или партискиот интерес. Разорување на капацитетите на УБК секако не е од интерес на Р. Македонија, а за жал се соочивме со ситуација кога од страна на техничкиот министер на високи и одговорни позиции беа поставувани кадри без никакво искуство, кои добија унапредувања и по 7 нивоа во хиерархијата на министерството. Односно од гранична полиција беа донесени службеници и поставени за началници во УБК.
Press24: Како ја оценувате моменталната безбедносна состојба од позиција на Директор на УБК?
АНДОНОВСКИ: Постојат бројни сериозни ризици, но во моментов безбедносната состојба може да се оцени како стабилна. Сепак, во услови на современи закани кои произлегуваат од поддржувачи на радикални идеологии, не се исклучува можноста од предизвикување поединечни и изолирани акти на насилство.
Актуелната мигрантска криза дополнително ја усложнува стабилноста и безбедноста на државите, но можам да истакнам дека Република Македонија како дел од т.н Балканска рута во изминатиот период се соочуваше со сериозни проблеми при обезбедување контролиран транзит на бегалците. Иако истата во моментот е прекината, обидите за илегален влез во Република Македонија и натаму ја обременуваат состојбата на границата.
Во таа насока, УБК континуирано соработува со сите партнерски служби со кои се разменуваат безбедносни информации на дневна основа, при што приоритет на УБК е идентификација на потенцијални терористи меѓу мигрантите, односно транзит на лица повратници од кризните жаришта, како Сирија и Ирак.
Имајќи ги предвид сите овие ризици, УБК перманентно ги вложува сите свои расположливи капацитети и ресурси и презема континуирани мерки и активности за навремено детектирање и рано превенирање на можни акти на насилство насочени кон загрозување на безбедноста на државата и нејзиното уставно уредување.
Press24: Како УБК ги анализира протестите?
АНДОНОВСКИ: УБК како институција задолжена за безбедноста на граѓаните и заштита на уставното уредување, протестите ги следи и ги анализира од аспект на нивна можна злоупотреба од страна на поединци или групи, поддржувачи на радикални екстремистички идеологии, насочени кон сериозно нарушување на безбедноста преку извршување разни форми на насилство, меѓу кои и терористички акти. Не е прв пат државата да се соочува со нарушувања на јавниот ред од ваков обем. Сите паметиме што се случуваше минатиот мај. На 5 мај имавме масовни насилни протести пред Владата на Р. Македонија кога беа повредени 40-тина полициски службеници. Тоа во голема мера влијаеше на заслабување на полициските капацитети за справување со многу посериозниот предизвик по безбедноста на државата, односно заканата од уфрлање на криминално-терористички групи. Затоа мора да бидеме максимално будни и да ги анализираме сите информации, вклучувајќи ги и оние кои укажуваат дека во протестите се вклучени или дека протестите ги оркестрираат странски државјани.
Press24: Какво влијание има актуелната криза врз соработката со пријателските служби?
АНДОНОВСКИ: Согласно безбедносните приоритети, УБК има континуирана и квалитетна соработка со голем број партнерски служби. Во таа насока се реализираат средби на сите нивоа, а исто така секојдневно се разменуваат и безбедносни информации. Актуелната криза нема никакви импликации на квалитетот на соработката, а активностите се реализираат согласно претходно утврдената динамика. Слободно можам да истакнам дека имаме одлична соработка со сите партнерски служби, како на билатерален, така и на мултилатерален план. УБК истовремено активно учествува и на сите меѓународни конференции од областа на безбедноста на државата и нејзиното уставно уредување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар
-
Аница Добра, актерка: Навистина ја имам најдобрата професија на светот!