Златко Ориѓански е еден од најплодните македонски автори во последните 25 години и во интервјуто за неделникот „Република“ зборува за музиката, за Македонија, за личните достигнувања и неправди. Со горчина наведува дека се води како Француски композитор, што за најголем дел од неговите колеги е недостижна цел. На лицето не може да му се забележи ниту гнев ниту лутина. Вели дека има лек за удолнината која што ја зафати македонската музика, а преку неа и толку зборуваниот национален идентитет. Целото интервју на Ориѓански може да го прочитате во новиот број на неделникот „Република“ кој е во продажба до петок, 25 јануари.
Која е македонската музичка азбука, од каде почнува – од 7/8 , од погребни песни, од византиска музика, од бапчорките….
Ориѓански: Mакедонската музичка азбука почива на три столба, народна, селска музика, чалгија и црковно словенско византиско пеење. Таа е класична по својата суштина, што значи дека поминала низ разно-разни филтри, низ многу раце и срца додека стасала до тој облик што ние го познаваме… Тајните не се наоѓаат во седумте осмини ами во македонската мелодија. А, тоа доаѓа од македонскиот говор. Од мелодиите произлегува таа ритмика, а не обратно…7/8 ритам не е непознат за светот, туку македонската мелодија е таа што е посебна и величествена, оригинална и магична. Всушност, не постои народ на светов што не е посебен феномен, така и македонскиот.
Зошто во сите кафеани секој ден има македонска изворна музика, а на ТВ со денови не може да се слушнат звуците со кои растевме. Некако проблемот со ММИ како да е само добро алиби македонскатамузика целосно да исчезне од масмедиумите.
Ориѓански: Не знам. Не можам да се занимавам со сите можни проблеми што ние како несозреана нација ги имаме или сами си ги создаваме. Сепак, немам толку долг живот. Моја задача е да пишувам нова и авторска музика, која вака или така се потпира на тоа што е наша традиција. Ако сакаме таа музика да се сочува и да се пренесува од генерација на генерација, нека ме повика министерката за култура на разговор, ќе ѝ кажам една здрава и прекрасна идеја. Поинаква и точна, за разлика од сите глупости што ги правеа во тој правец неколку години наназад.
„Македонско девојче“,според мене,е една од најдобрите и најоригинални работи што ѝ се случиле на македонската музика во последнава декада. Некако незабележливо со голо око (уво) нѐ навраќаш на корените. Не е обработка на народна музика, не се класични етноноти, а,сепак, е толку блиску до тоа што сме. Го постигна ли тоа што го сакаше со овој проект со Каролина?
Ориѓански: Да. Од сѐ што сум работел досега, мислам дека тој албум го има истото значење како тој од „Пред дождот“. Како што минува времето, сѐ повеќе и повеќе песните се отвораат и добиваат на значење. На „Јутјуб“ гледаноста е повеќе од половина милион луѓе. Се вртат и ги свират песните по кафеани, по свадби. Тоа е за мене огромен комплимент… По тој пат со „Анастасиа“, тој албум беше нов почеток, мене посебно драг… Јас и така себеси не се гледам по дестина години како остарен рокер, со бела и проќелавена коса (се смее). Тоа ми е комично и неприродно за нас, кои сме родени на овие простори… Сакам да остарам, некако… типично македонски, демирхисарски. Во костум, со бела кошула, качкет, цигара и вино, како добар „народњак“. Ко да сум се појавил од некоја стара фотографија, на „Ансамбл Билјана“ од Охрид…
Те нема на „Википедија“.
Ориѓански: Појма неам (се смее). Ниту па нешто ми значи…
Задоволен ли си од заработката од ЗАМП и сега од ММИ, претпоставувам дека се работи за милиони со оглед на тоа што твојата музика од разни проекти секојдневно се слуша на сите медиуми?
Ориѓански: (се смее) Би сакал некој да ѝ пренесе на министерката Канческа – Милевска, дека, од ЗАМП за сиве години сум добил седум евра. И еве, јавно и јасно неа ја прашувам и ја повикувам јавно да ми одговори: Дали мојава земја има намера да ми плати и да ми го даде тоа што е мое за изминативе 20 години? Број два: Зошто сум обврзан да плаќам парно, струја и даноци, а мојава земја не е обврзана да го плати тоа што го користи бесправно мојот труд? И, конечно, зар не ѝ се чини непристојно да не ме повика на еден разговор за да ѝ објаснам точно во детали кој, кого и зошто, овде прави будала.
Како би се опишал најсоодветно – како поп–ѕвезда, современ чергар или народен музичар? Или нешто четврто?
Ориѓански: Кафеански музичар. Ко оној Тома Здравковиќ! Вистина! Тој е голем поет…
(Фото: Игор Ангеловски)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.