Според бројот на пријавените учесници досега, организаторите на „Виз ер“ Скопски Маратон 2016, најавуваат дека годинешното издание ќе биде најмасовно досега.
– Имаме повеќе од 6.000 пријавени натпреварувачи и вљубеници во трчањето од повеќе од 45 земји во светот за стандардните трки – маратонот (42.195км), полумаратонот (21.097км) како и трката на 5 километри, кои и оваа година се главно обележје на маратонот. Не помалку голема е заинтересираноста за штафетниот маратон. Пријавувањето трае до 29 април, или додека не се пополнат квотите. Би сакал да ги повикам и потсетам сите заинтерсирани и љубители на активниот начин на живот, сите спортски рекреативци, како и професионални спортисти и атлетичари, да ја искористат последната шанса за пријавување на оваа голема спортска манифестација и да бидат дел од најмасовниот маратон во Скопје. Како и до сега, пријавувањето се одвива на официјалната страница на маратонот – изјави Кире Синадиновски, директор на „Скопскиот маратон“.
Сите пријавени учесници ќе имаат единствена можност да ги подигнат своите стартни пакети на 6 и 7 мај од 10 до 19 часот во холот на Конгресен центар „Александар Македонски“ во Скопје, поранешна Универзална Сала.
Дванаесеттото издание на маратонот е под покровителство на Град Скопје, Мисијата на Европската Унија и Агенцијата за млади и спорт. Маратонот се одржува на 8-ми мај по повод Денот на Европа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.